Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев се обрати на Свечената академија по повод 20 години од Охридскиот рамковен договор насловена „По Охрид“, во кое истакна дека одбележуваме значајна годишнина од Договорот со којшто беше обезбедена мирната иднина и натамошната демократска изградба на Северна Македонија со еднакво учество на сите нејзини етнички заедници.
Во рамки на панелот каде се обратија и претседателот на државата, Стево Пендаровски, претседателот на Собранието, Талат Џафери, првиот заменик-претседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, поранешниот генерален секретар на НАТО, лордот Џорџ Робертсон, и поранешните премиери Хари Костов и Владо Бучковски, премиерот Заев истакна дека Охридскиот договор, којшто беше потпишан во партнерство со Европската Унија, Соединетите Американски Држави, НАТО и ОБСЕ, стави крај на конфликтот и можеме слободно да кажеме дека е гаранција на мирот, а подоцна го надградивме и унапредивме создавајќи заедница во која граѓаните имаат соживот и меѓусебно почитување и толеранција, заедница во која граѓаните имаат исти или слични визии за подобро утре.
„Охридскиот рамковен договор ја испрати и пораката за меѓусебно разбирање, извинување и простување меѓу Македонците и Албанците и меѓу сите други наши граѓани. Тоа е пораката за соживот, за еднакви граѓани, во заедничката ни – Татковина. Охридскиот рамковен договор донесе нов дух на водење политики – политики кои градат мостови, а не ги рушат. Политики коишто ги сплотуваат граѓаните, а не ги делат на патот на кој ја обезбедуваме иднината, во нашиот заеднички евроатлантски дом, заедно со другите народи“, истакна премиерот Заев и посочи дека концептот за „Едно општество за сите“ е со силна база и создадовме граѓанска држава со еднакви услови за сите кои живеат во неа: Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и сите други заедници.
Премиерот Заев подвлече дека како држава ги презедовме сите неопходни мерки за градење интегрирано општество кое е цврсто базирано на владеење на правото, заштита на човековите права, вклучително и малцинските права, почитување на различностите и се развиваме во заедница во која шансите за благосостојба се еднакви за сите, како членка на НАТО и идна членка на Европската Унија, отворена и современа држава која развива интензивна регионална соработка, земја лидер на Западен Балкан.
„Нашата земја гради зрели политики. Наместо конфликти, разговараме за унапредување, за економски напредок во нашата земја и унапредување на добрососедските односи. Заедно со нашите соседи, создаваме „Отворен Балкан“, надминувајќи ги сите препреки и ослободувајќи ги сите идеи за слободно поврзување на сите наши граѓани“, наведе премиерот Заев и додаде дека „После Охрид“ една од најважните придобивки е дека низ дијалог си го организираме животот, заедно, посветени на секоја индивидуа, на секое семејство, на секој граѓанин со комплетната тенденција да постигнеме еднаквост која ќе ги зајакне солидарноста, меѓусебното почитување и помагање.
Тој истакна дека Владата, пред четири години ја исполни обврската која непотребно се одолговлекуваше повеќе од една деценија и го донесе Законот за употребата на јазиците, заокружувајќи ги одредбите од Охридскиот рамковен договор. Законот за употреба на јазиците е во рамките на Уставот и овозможува услови за спроведување едно заедничко општество за сите граѓани елиминирајќи ги условите за развивање национализам и обезбедувајќи напредок на државата, со почитување едни кон други, со уважување на правата и потребите на секој граѓанин и секоја заедница.
„А ние имаме што да му подариме и на западниот свет. Тоа е нашиот начин - како најдовме решение на горливи прашања, како тоа го организиравме, како тоа го осовременуваме и усовршуваме почнувајќи од Охридскиот договор и поттикот од тој договор за постигнување на другите два договори, оној со Бугарија и секако Договорот од Преспа. Дијалогот, дипломатијата, меѓусебното разбирање, солидарноста и тоа како можеме да ги споделиме и да им ги поклониме на многу поразвиени земји коишто за жал ги имаат предизвиците кои еве Северна Македонија ги имала многу поназад“, нагласи премиерот Заев и посочи дека и токму деновиве, кога како и во поголемиот дел од Европа нашата земја ја зафатија пожари, солидарноста, заедништвото и пријателството беа покажани на дело на највисоко ниво.
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби во своето обраќање истакна дека Охридскиот рамковен договор донесе рамнотежа да се живее заедно и да живее еднакво.
„Само еднаквите можат да живеат заедно. Оваа рамнотежа во општеството ја наоѓам од сите познати политички системи на државен поредок само во демократијата, каде што вредноста и достоинството на секој човек се препознаваат, секој е еднаков, мнозинството предводи со права за сите, компромисот и индивидуалната слобода се вреднуваат. И токму тука ја наоѓам суштината на еднаквоста, во демократијата“, истакна првиот заменик-претседател на Владата Груби.
Тој наведе дека ниту една заедница, ниту еден граѓанин не загуби од овој балансиран однос, но сите заедници, сите граѓани имаа корист и најголем победник е нашата заедничка земја, од земја во војна, во земја членка на НАТО и со зелено светло за членство во Европската Унија.
„Денес, драги пријатели, заедно со моите колеги, правиме напори да ја интегрираме нашата заедничка земја во Европската Унија и работиме да го направиме подобар животот за сите наши граѓани, без ниту една единствена разлика. Нашиот предизвик „После Охрид“ е владеење на правото, бескомпромисна борба против корупцијата и криминалот, прифаќање на разновидност и вклученост, кредибилни демократски институции и квалитет на живот преку прифаќање на зелената агенда“, истакна првиот вицепремиер Груби и дополни дека „да не беше Охрид, немаше да ја биде Преспа, ако не беа и двете, немаше да го имаме НАТО, но не смееме да застанеме тука и мора да смогнеме сила да го спроведеме и третиот договор со истата храброст и посветеност што ја запечатува нашата европска иднина“.
Заев: Охридскиот рамковен договор испрати порака за меѓусебно разбирање, извинување и простување, порака за соживот, за еднакви граѓани во нашата заедничка татковина
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев се обрати на Свечената академија по повод 20-годишнината од Охридскиот мировен договор насловена „После Охрид“, во кое истакна дека одбележуваме значајна годишнина од Договорот со кој беше обезбедена мирната иднина и натамошната демократска изградба на Северна Македонија со еднакво учество на сите нејзини етнички заедници.
На академијата на која присуствуваа претседателот на државата, Стево Пендаровски, претседателот на Собранието, Талат Џафери, првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, бројни претставници на Владата и Собранието, високи и уважени гости од земјата и странство, премиерот Заев истакна дека Охридскиот договор, кој беше потпишан во партнерство со Европската Унија, Соединетите Американски Држави, НАТО и ОБСЕ, стави крај на конфликтот и можеме слободно да кажеме дека е гаранција на мирот, а подоцна го надградивме и унапредивме создавајќи заедница во која граѓаните имаат соживот и меѓусебно почитување и толеранција, заедница во која граѓаните имаат исти или слични визии за подобро утре.
Обраќањето на премиерот Заев во продолжение ви го испраќаме во целост:
„Денеска, одбележуваме значајна годишнина од Договорот со кој беше обезбедена мирната иднина и натамошната демократска изградба на Северна Македонија со еднакво учество на сите нејзини етнички заедници.
Овој Договор, потпишан на 13 август 2001 година ги постави темелите врз основа на кои, ние како новоформирана Влада во 2017 година го градиме нашето заедничко, Едно и еднакво општество, вклучувајќи ги и почитувајќи ги подеднакво сите етнички идентитети и интереси на сите граѓани кои живеат овде.
Во 2017-ма година, нашиот приоритет беше да му дадеме „живот“ на овој Договор, заокружувајќи го нормативниот дел којшто произлегуваше од Охридскиот рамковен договор и од Амандманот 5 од Уставот на Република Северна Македонија.
Тогашната Влада, пред четири години, која политички и вредносно беше на нивото на актуелен состав на извршната власт, ја исполни обврската која непотребно се одолговлекуваше повеќе од една деценија и го донесе Законот за употребата на јазиците, заокружувајќи ги одредбите од Охридскиот рамковен договор.
Законот за употреба на јазиците е во рамките на Уставот и овозможува услови за спроведување едно заедничко општество за сите граѓани елиминирајќи ги условите за развивање национализми и обезбедувајќи напредок на државата, со почитување едни кон други, со уважување на правата и потребите на секој граѓанин и секоја заедница.
Охридскиот договор, кој беше потпишан во партнерство со Европската Унија, Соединетите Американски Држави, НАТО и ОБСЕ, стави крај на конфликтот, кој за жал понесе и жртви, но од оваа дистанца можеме слободно да кажеме дека е гаранција на мирот, кој подоцна го надградивме и унапредивме создавајќи заедница во која граѓаните имаат соживот и меѓусебно почитување и толеранција, заедница во која граѓаните имаат исти или слични визии за подобро утре.
Северна Македонија е прекрасен мозаик од етнички и други заедници и различности. Почитувајќи ги овие уникатности и истовремено јакнејќи ја институционално нашата држава со преземање инклузивни политики и позитивни мерки ги поставивме темелите на Северна Македонија како едно рамноправно општество.
Охридскиот рамковен договор ја испрати и пораката за меѓусебно разбирање, извинување и простување меѓу Македонците и Албанците и меѓу сите други наши граѓани. Тоа е пораката за соживот, за еднакви граѓани, во заедничката ни – Татковина.
Охридскиот рамковен договор донесе нов дух на водење политики – политики кои градат мостови, а не ги рушат. Политики коишто ги сплотуваат граѓаните, а не ги делат на патот на кој ја обезбедуваме иднината, во нашиот заеднички евроатлантски дом, заедно со другите народи.
Како држава, ги презедовме сите неопходни мерки за градење интегрирано општество кое е цврсто базирано на владеење на правото, заштита на човековите права, вклучително и малцинските права, почитување на различностите и се развиваме во заедница во која шансите за благосостојба се еднакви за сите, како членка на НАТО и идна членка на Европската Унија, отворена и современа држава која развива интензивна регионална соработка, земја лидер на Западен Балкан.
Концептот за Едно Општество денеска е со силна база и во него силно веруваме.
Создадовме граѓанска држава со еднакви услови за сите кои живеат во неа: Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и сите други заедници.
Дваесет-годишнината од Охридскиот рамковен договор се совпаѓа и со 30-годишнината од независноста на нашата земја, со 80-годишнината од Народното востание и 20-годишнината од потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација како наш прв чекор во остварувањето на нашата заедничка цел за членство во Европската Унија.
Почитувани присутни,
„Пoсле Охрид“, нашата земја гради зрели политики.
Наместо конфликти, разговараме за унапредување за економски напредок во нашата земја и унапредување на добрососедските односи.
Заедно со нашите соседи, создаваме „Отворен Балкан“, надминувајќи ги сите препреки и ослободувајќи ги сите идеи за слободно поврзување на сите наши граѓани.
Изминатиот период, кога се соочивме со недостиг на вакцини, а и токму деновиве, кога како и во поголемиот дел од Европа нашата земја ја зафатија пожари, солидарноста, заедништвото и пријателството беа покажани на дело на највисоко ниво.
Нашите идеи за заедништво, за помагање, слободно движење и слободно мислење ја имаат најдобрата реализација.
„После Охрид“, ние сите заедно, без разлика на нашата етничка, национална, верска, социјална, културна припадност, изградивме Едно и еднакво општество, каде секој може да најде просперитет и подобра иднина.
Драго ми е што еве доживувам како претседател на Влада, 20 години после тоа да дискутираме за сите овие придобивки. Една од најважните придобивки е дека низ дијалог си го организираме животот. Заедно, посветени на секоја индивидуа, на секое семејство, на секој граѓанин со комплетната тенденција да постигнеме еднаквост која што ќе ги зајакне солидарноста, меѓусебното почитување и помагање.
Целата Влада, а и целиот наш народ, сите етнички заедници треба да бидеме горди кога кажуваме дека претставуваме позитивен пример. Пример од којшто другите учат, испорачувачи на мир, урнек по којшто многу други земји и региони не само на Балканот и во Европа туку и во светот може да учат.
И си земам за право да оставам аманет - да си го чуваме тоа што заедно сме го постигнале овие 20 години и да бидеме благодарни на современиот свет од кој многу учиме и кој многу ни помага. Тоа е западниот свет кој бил тука и пред 20 години, и денес е тука како наша поддршка, пред се нашите стратешки партнери САД и ЕУ.
А ние имаме што да му подариме и на западниот свет. Тоа е нашиот начин - како најдовме решение на горливи прашања, како тоа го организиравме, како тоа го осовременуваме и усовршуваме почнувајќи од Охридскиот договор и поттикот од тој договор за постигнување на другите два договори, оној со Бугарија и секако Договорот од Преспа. Дијалогот, дипломатијата меѓусебното разбирање, солидарноста и тоа како можеме да ги споделиме и да им ги поклониме на многу поразвиени земји коишто за жал ги имаат предизвиците кои еве Северна Македонија ги имала многу поназад.
За крај, им честитам најмногу на граѓаните, на нашиот народ, кој со особена внимателност беше суштински дел од спроведувањето на овие процеси низ кои градиме извесна, стабилна и просперитетна иднина за сите кои живеат во нашата татковина.
Ви благодарам и ви честитам“.