Јанкулоска: Се намалува бројот на лажни азиланти, продолжуваме интензивно да работиме
Се намалува бројот на таканаречените лажни азиланти кои доаѓаат од Република Македонија, по добивањето на визната либерализација, но тоа не би можело целосно да не остави мирни во смисла на тоа дека треба да се престане со мерките кои се преземаат, децидна е министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.
- Напротив, ќе продолжиме да работиме со ист интензитет како што тоа го правевме и во изминатитаа 2011 година кога Република Македонија како одговор на проблемот што се појави презеде низа мерки и во делот на превентивата, но и во делот на репресивното делување, изјави Јанкулоска денеска по завршувањето на регионалната конференција за Декадата за инклузија на Ромите 2005 - 2015 година.
Таа потенцира дека во делот на превентивното делување Владата преку надлежните институции водеше интензивна кампања на терен, при што што беа посетени огромен број населени места, главно населени со Роми, но и голем број општини низ Македонија, со цел граѓаните да се информираат за суштината и содржината на визната либерализација. Направени се и одредени измени во законската регулатива, при што се предвидени построги санкции за оние кои ќе ја злоупотребат визната либерализација, меѓу кои и одземање на патната исправа ако се утврди дека лицето врши злоупотреба, како и повеќегодишна казна затвор за оние кои се јавуават како организатори на групите „лажните азиланти“ и за оние кои ги доведуваат во заблуда граѓаните кои од кои било причини се одлучиле на таков чекор.
- Преземени се и низа репресивни мерки. Освен повеќе кривични пријави за автопревозниците и туристичките агенции и парични казни кон овие правни лица, поголем број граѓани на Република Македонија, кои не беа во можност да ја докажат целта на патувањето не можеа да ја напуштат земјата, бидејќи полициските службеници согласно шенгенскиот код и Законот за надзор на државаната граница проценија дека причините заради кои тврдат дека патуваат не се доволно оправдани односно не биле во состојба да приложат докази а тоа, изјави министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.