„Зголемувањето на минималната плата треба да се гледа во рамки на пошироката економска политика којашто се води во изминатите години, а тоа е дека не само што се поддржува растот на минималната плата, којашто сега е дупло поголема од пред 4 години, туку оди заедно со константната поддршка на работодавците и на компаниите", истакна претседателот на Владата, Димитар Ковачевски во интервју за ТВ Алсат-М.
„Јас секогаш сум бил застапник на ставот дека трудот на работниците треба да се вреднува и дека минималната плата е нешто што треба да биде над прагот на сиромаштијата. За споредба, пред доаѓањето на оваа Влада предводена од СДСМ, Северна Македонија беше препознаена како рај за евтина работна сила и тука доаѓаа инвеститори на коишто им се нудеа вработени од 9.000 денари, за тоа сите сме свесни. Во тоа време требаше 4 минимални плати за покривање на една потрошувачка кошничка, а денес после 100% зголемување на минималната плата и со историски најмал број на невработени лица од 15,7%, потрошувачката кошница се покрива со 2 минимални плати“, нагласи премиерот Ковачевски.
Ковачевски уште додаде дека не треба да се заборави дека компаниите во државата се поддржани за околу 130.000 работни места со субвенционирање на придонесите за секое зголемување на платата на работниците.
Значајно е и тоа, рече премиерот, што за разлика од порано кога одлуките за минимална плата и за други одлуки во социјалната сфера се носеа со одлука на Влада без никаков дијалог, денес овие важни решенија се носат низ социјален дијалог со рамноправно учество на Владата, синдикатите и организацијата на работодавачите.
Растот на минималната плата, рече Ковачевски за ТВ Алсат-М, позитивно ќе влијае и на растот на просечната плата која е поттикната и од историски најголемиот раст на платите во здравството, образованието и во другите јавни дејности.