Приоритети на Стратегијата за Роми 2022–2030 се долгорочното унапредување на социјалната кохезија и економскиот статус на Ромите

На денешната прес-конференција на портпаролите во име на ромската заедница се обрати Елвис Мемети, советник на премиерот за инклузија на Ромите кој се осврна на суштинските политики за унапредување на Ромската заедница, истакнувајќи дека Ромите во Република Северна Македонија имаат потенцијал да го предводат прашањето на сопствената интеграција и да бидат пример за останатите во регионот.

Тој истакна дека Република Северна Македонија со Стратегијата за инклузија на Ромите 2022–2030 година прашањата за вклучување на граѓаните од оваа заедница во структурите на општеството се дел од јавните политики на Владата за изедначување на степенот на вклученост и интеграција на сите етнички заедници.

Инвестирањето во развојот на ромската заедница, како што посочи советникот за инклузија на Ромите Мемети, има долгорочни придобивки во поглед на подобрувањето на социјалната кохезија и економскиот статус на Ромите. Инклузијата на Ромите во општеството учествува позитивно и во постигнувањето на одржливите развојни цели на ООН, како и на позитивните оценки во делот на поглавјето 23 кое се однесува на унапредување на полето правосудство и човекови права на сите граѓани во земјата без разлика на која етничка заедница ѝ припаѓаат.

Советникот Мемети информираше дека за поддршка на имплементацијата на Стратегијата за Роми за 2022 година се издвоени 73.372,000 денари, што е зголемување за 14.128,000 ден во споредба со буџетот за 2021 година.

Приоритетите за тековната година се ставени на зголемување на економскиот потенцијал на ромската заедница, како и зголемување на застапеноста на Ромите  во институциите.

Исто така, како што подвлече Мемети, по прашање на домувањето актуелни се неколку започнати проекти во Општина Шуто Оризари и Виница, Oпштина Кичево, Битола, Прилеп, Штип со кои се работи на реновирање на куќи од социјално ранливи категории, градба на типски куќи, како и изградба на колективно домување.