Министерството за образование и наука и Фондот за деца на Обединетите нации(УНИЦЕФ) ги договорија работните активности во 2023 година. На денешната средба, министерот за образование и наука Јетон Шаќири и претставничката на УНИЦЕФ Патриција ДиЏовани ја потпишаа годишната програма, дизајнирана во насока на подобрување на квалитетот на образованието.
Во делот на зголемување на ефективноста и ефикасноста на расходите за основно образование преку оптимизирање на мрежата на основни училишта и ревидирање на финансиската формула, МОН и УНИЦЕФ заеднички ќе работат на развој на општински планови за оптимизација и нивно моделирање во десет избрани општини, на развој на национални стандарди за простор, опрема и наставни средства за училиште, како и на вклучување на претставници на општините, вработените во училиштата, родителите, учениците и други локални засегнати страни во изработката на плановите за оптимизација. МОН ќе може да користи и меѓународни искуства од областа на реформи на училишното финансирање и оптимизација.
Програмата предвидува и поддршка за развој на политики и програми кои придонесуваат за безбедни, здрави, родово одговорни, инклузивни средини за учење со соодветни ресурси. Поконкретно, МОН ќе добие техничка поддршка за развој на наставните програми за основно и средно образование, за подготовката на Законот за средно образование и наставните програми, за воспоставување нови услуги на ресурсните центри за инклузивно образование, како и техничка поддршка за вклучување на образованието за животната средина и климатските промени во националниот наставен план и програми и други образовни политики.
Акцент ќе се стави особено на активностите поврзани со надминување на бариерите во пристапот до квалитетно инклузивно образование, како и на создавање квалитетни и инклузивни алатки и ресурси за учење, вклучително и дигитални ресурси кои се во согласност со наставните програми.
УНИЦЕФ ќе соработува со Министерството и во делот на надградбата на образовниот кадар и јакнењето на капацитетите на наставниците од основното и средното образование.