Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска беше домаќин на претседателот на Владата на Република Хрватска, Андреј Пленковиќ, кој е во официјална посета на земјава.
Во официјалната посета на земјава, премиерот Пленковиќ, кој беше пречекан со највисоки државни и воени почести, го придружуваат хрватскиот министер за економија и одржлив развој и пратеничка од хрватскиот Сабор.
По одржувањето на билатералната средба на двете делегации во Владата на Република Северна Македонија, двајцата премиери одржаа заедничка прес-конференција.
Во продолжение го пренесуваме интегралното обраќање на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, на прес-конференцијата:
„Почитуван претседател на Владата на Република Хрватска, Андреј Пленковиќ и драг пријател,
Почитувани претставници на владините делегации на Република Хрватска и Република Северна Македонија,
Почитувана амбасадорка на Р. Хрватска,
Почитувани претставници на медиумите и почитувани граѓани и на Северна Македонија и на Хрватска.
На почетокот, сакам уште еднаш да посакам топло добредојде на премиерот Пленковиќ и неговата делегација во Скопје, и да се заблагодарам што ја прифати мојата покана да оствари официјална посета на Република Северна Македонија.
Оваа посета доаѓа по мојата официјална посета на Србија и Словенија изминативе денови, и навистина сум многу среќен што деновиве имам можност да разговарам со моите колеги кои вистински, суштински го разбираат и регионот и приликите во кои се наоѓаме.
Ме радува, што денес имавме можност отворено да разговараме за нашите односи и за севкупната наша соработка.
Дозволете ми да го повторам јавно тоа што му го кажав на премиерот Пленковиќ предмалку на состанокот, а тоа е дека Владата на Северна Македонија и јас лично, ќе продолжиме засилено да работиме во насока на продлабочување на односите со Хрватска, проширување на соработката, зацврстување на заемната доверба, разбирањето и добрососедството.
Знам дека ова не е само мој личен туку е став на оваа Влада, туку став на секоја Влада од осамостојувањето на нашата држава до денес, бидејќи со Хрватска не’ врзува не само заедничко минато, туку и желба за подобра заедничка иднина во ЕУ.
На ова треба да се додадат и неколку факти: нашите две држави немаат отворени прашања, во континуитет заедно го градиме и продлабочуваме политичкиот дијалог, ја зголемуваме економската и трговската соработка и постојано трасираме нови правци за меѓусебна соработка.
За нашите одлични билатерални односи зборуваат дури 44 склучени меѓународни билатерални договори и документи, а во фаза на иницијатива се уште 15 други договори.
Соработката со Хрватска е особено развиена во полето на нашето европско интегрирање, каде Хрватска е меѓу најгласните и најконзистентните поддржувачи на нашата европска интеграција.
За тоа говорат делата, не само зборовите. Меѓу тие дела се одлуката за отворање преговори со Северна Македонија и Албанија донесена токму за време на хрватското претседателство со ЕУ во првата половина на 2020 и тоа во вонредни околности поради пандемијата на вирусот КОВИД 19.
Со ова беше постигнат еден од приоритетите на хрватското претседателство со ЕУ.
Но, за таа поддршка говорат и 15-те твиниг проекти, кои што Хрватска ги има спроведено кај нас.
Искуството на амбасадорот поранешен главен преговарач и советник на премиерот Пленковиќ кој денес е главен советник на нашиот главен преговарач, чиешто искуство во преговорите со ЕУ и застапувањето на Хрватска во ЕУ е од непроценливо значење за нас и тоа е исто така дел од мозаикот што имаме исклучително успешен скрининг процес со ЕУ.
Денес, со полна одговорност тврдам дека таа поддршка не губи на интензитет, туку напротив, постојано се засилува поддршката на Северна Македонија од Хрватска.
На културен план, со отворањето на Културно-информативен центар на нашата земја во Загреб, минатата година, даваме придонес за продлабочување на културната соработка и зближување на нашите народи.
Во таа насока благодарни сме за заложбата нашите државјани кои живеат во Хрватска, и ги остваруваат своите права, како такви од ден на ден дека ги унапредуваат.
Она што сакаме да го направиме во следниот период е да ја зацврстиме и унапредиме нашата економска и трговска соработка.
Вкупната трговска размена меѓу двете земји за 2022 година изнесува 217 милиони евра и истата има голем потенцијал да се унапредува и со можност да се удвои во иднина.
Хрватска, инвестирала околу 108 милиони евра во Република Северна Македонија а според структурата на инвестициите, најмногу се застапени инвестиции во услужниот и прехранбениот сектор.
Верувам дека има цела низа области каде соработката може дополнително да се зголеми особено во фармацевтската индустрија, транспортната инфраструктура, градежништвото и секако во туризмот.
Дополнително, заедничка соработка остваруваме и во осовременување на енергетската инфраструктура за квалитетно и непрекинато снабдување со електрична енергија за стопанството и граѓаните во земјава.
Нашиот електропреносен систем, компанијата АД МЕПСО работи со хрватските компании на проектот за изградба на 400 kV трафостаница Охрид која како дел од Коридорот 8, енергетски ќе ги поврзе Северна Македонија и Албанија со 400 kV далекoвод.
Исто така со хрватски компании се работи на реконструкција на енергетските постројки во Битола, Прилеп и Дуброво и далекуводите Битола-Прилеп, Овче поле-Велес и Скопје 4-Велес.
Во насока на зголемување трговската размена и привлекување на нови хрватски инвестиции, верувам дека македонско-хрватскиот деловен клуб, кој се формираше лани во Загреб, ќе даде свој значаен придонес.
Имаме потреба и од зајакнување на соработката и во сферата на туризмот и поддршка на Програмата за стручна едукација на македонски студенти по туризам на Јадранското крајбрежје, а од мај 2023 до октомври 2023, ќе биде воведена и сезонска линија Скопје-Сплит-Скопје што е уште еден знак на продлабочување и на соработката и на лесниот и побрз транспорт на нашите граѓани помеѓу овие 2 земји.
Во насока на давање уште еден позитивен импулс на нашата взаемна соработка, подготвени сме за организирање на прва заедничка седница на двете Влади со цел интензивирање на соработката и трасирање на следните конкретни активности во нашите односи.
Тоа го договоривме и со Република Словенија, за време на мојата посета во понеделникот а денес исто така ќе почнат и разговорите и за одржување во иднина со Р. Хрватска на која ќе разговараме за конкретни соработки во одредени области.
Како НАТО сојузници цврсто сме посветени на планот на промовирање и споделување на заеднички вредности и ставови како обединети членки на Алијансата кои работат во функција на остварување на заедничките цели за мир, стабилност и просперитет во овие особено тешки времиња на европскиот континент.
Премиере Пленковиќ, посебно ме радува што денеска ќе се обратите и пред пратениците на нашето Собрание.
Обично пред собранието се обраќаат претседатели на држави, меѓутоа ние сакавме денес пред Собранието да се обрати премиерот на Хрватска, г. Пленковиќ и мој пријател Андреј кој е еден од најзначајните политичари кои што и на мене лично, и на нашата држава ни даваат поддршка во текот на изминатата година при почнување на преговорите со ЕУ.
Ова зборува за цврстината на нашето партнерство и пријателство и важноста која ја даваме на соработката со Хрватска, што се зацврстува и преку пратеничките групи во законодавните домови на двете земји,
Македонската јавност, како и хрватската, знаат дека се наоѓаме пред сериозни предизвици, кои се клучни за понатамошната иднина на Република Северна Македонија и перспективите во однос на европската интеграција на земјата.
Уставните измени, кои подразбираат вклучување и на Хрватите во нашиот Устав, се пред нас и за истите се надевам и повикувам дека ќе успееме како општество да најдеме надпартиски консензус.
Преку заштитата на правата на заедниците, го штитиме не само идентитетот на другите, туку и сопствениот, и заедничкиот, на кој се гордееме како функционално демократско, мултикултурно и мултиетничко општество, без разлика од каде доаѓаме.
Тој модел на соживот, на негување на различностите како основа за иден развој и прогрес го имате и вие колега Пленковиќ во Хрватска, и токму затоа, сум убеден дека ние денес сме на вистинскиот пат кој ќе обезбеди европска иднина за нашите граѓани кои сакаат да живеат во Европската унија, но тука, дома, во својата родна земја членка на ЕУ. Како Хрватите кои живеат во ЕУ меѓутоа живеат во ЕУ во Хрватска – членка на ЕУ.
Темелите на државата се градат врз храбри државнички одлуки. Понекогаш решенијата се на повидок, но понекогаш совладувањето на пречките поминува низ потешкиот пат.
Во многу прилики сум кажал дека Република Северна Македонија секогаш била и ќе биде на вистинската страна на историјата.
Верувам и дека сега, кога пред нас, стојат предизвици кои ќе ја одредат не само нашата иднина, туку и иднината на нашите деца, ние ќе го одбереме вистинскиот пат.
Вистинскиот пат, за кој, заеднички, со здружени сили ќе одлучиме каква ќе биде иднината на нашата држава бидејќи враќање назад нема. За нас постои само еден пат-патот кон Европската унија.
И за сета поддршка која вие г-дин Пленковиќ и хрватските граѓани ни ја пружате на овој пат, уште еднаш во името на сите наши граѓани сакам да ви се заблагодарам.“