Владата на Република Северна Македонија официјално ја пушти во употреба АДА, дигитален асистент во јавниот сектор, прв во регионот и пошироко базиран на вештачка интелигенција. Од денес АДА стои на располагање на компаниите на кои ќе им овозможи добивање целосни информации за условите за инвестирање во нашата земја и за државната помош која се нуди за инвестициите.
Преку дигиталниот асистент, граѓаните и заинтересираните странски инвеститори ќе можат да се запознаат со достапните програми и отворени повици на институциите кои се јавуваат како даватели на државна помош, и гарантира голема транспарентност, ефикасно и ефективно добивање на податоци за бизнисот во реално време 24/7 на три јазици, македонски, албански и на англиски на интернет адресата: ada.gov.mk.
Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски во своето обраќање на денешното лансирање рече дека воведувањето на првиот дигитален асистент во давањето јавни услуги претставува надоградба на нашите практики за дигитализација во општеството.
„Република Северна Македонија се дигитализира. Нашата држава ги следи светските процеси и веќе е дел од бранот на нови, модерни, дигитални трендови, кои го зафаќаат секој аспект на нашето живеење и наједноставно може да се каже дека да, доаѓа АДА, што е првиот дигитален асистент некогаш направен во Владата на нашата држава. Процесот на дигитализација е незапирлив, секаде во светот, па така и во нашата држава. Како Влада, која е насочена кон осовременување и следење на светските трендови, во изминатиот период поддржавме, а и ќе продолжиме да поддржуваме поголем број на иновативни иницијативи“, изјави премиерот Ковачевски, во своето обраќање, на денешната презентација на првиот дигитален асистент во јавниот сектор-АДА.
Потенцирајќи дека поддршката со инвестиции во компаниите постојано расте, премиерот Ковачевски нагласи дека минатата година е забележана рекордна исплата од 23 милиони евра, како и рекорден број на поддржани компании, вкупно 410, по Законот за финансиска поддршка на инвестиции.
„Употребата на вештачката интелигенција и компјутеризацијата се пресликува и применува и во јавната сфера, како и во работењето на нашите институции. Па така, илустрирано преку едноставни примери, ако порано билетите ги издаваа луѓе, сега тоа го прават машините. Физичкото плаќање на сметки кое порано беше единствено можно преку шалтери, сега е заменето со онлајн плаќање, исто како што е овозможено и вадењето на лични документи да биде по електронски пат а она на што веќе работиме е електронски ИД за граѓаните на Северна Македонија.
Така, го исклучуваме влијанието на човечкиот фактор, можноста за грешки и за коруптивни практики“, рече премиерот Ковачевски.Заменик-претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, во неговото обраќање рече дека АДА е материјализирање на промената која на сите ни е потребна, е материјализирање на дигитализацијата која постојано ја зборуваме, за транспарентност, ефективност и ефикасност во јавниот сектор.
„Но, каков разултат е АДА, од каде произлезе. Имаше две клучни работи пред две години кога ја почнавме дискусијата за АДА. Првото беше извештајот на Стејт Департментот кој тогаш излезе за борбата со корупција. Во сегментот за борба против корупција имаше едне дел кој се однесуваше на делењето на државнат апомош и поддршка на инвестиции, и во истиот стоеше дека транспарентноста е клучна за сузбивање на појавата на корупција и дека елеминацијата на истата ќе биде императив и треба да биде императив на Владата.
И денеска нормално, одговорот го најдовме во дигиталниот асистент базиран на вештачка интелегенција АДА. Вториот предизвик беше личен, затоа што како претседавач на советот за старт ап еко системот беше како да им помогнеме на нашите домашни компании да вистина покажат тоа што го знаат. И вториот резултат е АДА, креирана од домашна старт ап компанија, Кодвел“, рече вицепремиерот Битиќи.
Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Фестим Халили, истакна дека Фондот продолжува да биде двигател на промените општеството.
„Со проектот АДА денеска испративме силна порака дека е време за нови технолошки промени кои ќе обезбедат подобра иднина за сите граѓани. АДА е тука, и спремна е да овозможи нова, модерна комуникација на граѓаните со Владата на Република Северна Македонија, но и да ги поттикне домашните и странски инвеститори за мерките на државна помош. Инвестициите во развој на вештачка интелигенција бележат раст во нашата земја, а придобивките од неа ќе ги почувствуваме многу скоро. Фондот како институција ќе продолжи да поддржува вакви и слични иницијативни кои ќе доведат до побрза дигитализација и трансформација на македонскиот екосистем”, изјави Фестим Халили, директор на Фонд за иновации и технолошки развој.
На настанот се обрати и министерот за Информатичко општестство и администрација, Азир Алиу кој рече дека дигитализацијата е еден од главните приоритети на Владата на Севрна Македонија.
„Дигитализацијата во нашата земја не значи само давање услуги во реално време, туку истовремено и за елиминирање на корупцијата и затоа длабоко веруваме дека преку овој пристап ние ќе ја намалиме корупцијата“, рече Алиу.
Нино Карас, еден од коосновачите на компанијата Кодвел која ја изработи АДА, рече дека дигиталениот асистент овозможува креирање на дигитални вработени кои се експерти на затворен домен на знаење и автоматизираат комуникација со крајни корисници.
„Ваквите дигитални асистенти се во можност да обезбедат природна комуникација со крајните корисници преку chat каналите налик на комуникација со реален човек, достапни се во секое време и ги услужуваат корисниците на нивниот мајчин јазик. Напросто, замислете да имате пристап до најдобриот шалтерски работник, кој Ви е достапен 24x7 за комуникација преку популарните чет апликации (Facebook Messenger и Viber) и кој може да ви помогне со се што ви е од интерес, а е поврзано со соодветната институција“, изјави Карас.
Компанијата „Кодвел Анлимитед“ на објавениот јавен повик беше оценета во конкуренција на три проекти како најиновативната идеја за дигитален AI асистент за чија реализација државата преку Фондот за иновации и технолошки развој обезбеди девет милиони денари од буџетот на ФИТР.
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска, со заменик на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу и директорот на Фондот за инвестиции и технолошки развој, Фестим Халили, на заедничка презентација, го претставија првиот дигитален асистент во јавниот сектор, базиран на вештачка интелигенција- АДА, дизајниран за потребите на програмите за државна помош. Се работи за проект поддржан преку Фондот за иновации и технолошки развој.
Во продолжение обраќањето на премиерот Ковачевски во целост:
„Почитувани вицепремиер Битиќи,
Почитуван директор на ФИТР,
Почитувани гости, медиуми и граѓани,
Република Северна Македонија се дигитализира. Нашата држава ги следи светските процеси и веќе е дел од бранот на нови, модерни, дигитални трендови, кои го зафаќаат секој аспект на нашето живеење и наједноставно може да се каже дека да, доаѓа АДА, што е првиот дигитален асистент некогаш направен во Владата на нашата држава.
Тука сме да го најавиме доаѓањето на првиот дигитален асистент базиран на вештачка интелигенција, преку којшто компаниите ќе можат да добиваат целосни информации за условите за инвестирање во нашата земја и државната помош која ја нудиме.
АДА ги нуди сите информации за финансиска поддршка од страна на државата, а ќе се надоградува и со други услуги од важност за деловниот сектор и граѓаните. Преку тоа, ќе влијаеме на зголемување на транспарентноста на сите институции, но и на намалување на корупцијата и елиминирање на човечкиот фактор во процесите.
Воведувањето на овој прв дигитален асистент, што е револуционерен чекор во нашето општество, ќе значи забрзување на процесите на давање услуги на заинтересираните граѓани и претставници на компании, коишто ќе можат да бидат услужени во неограничен број и тоа постојано, во текот на 24 часа.
Процесот на дигитализација е незапирлив, секаде во светот, па така и во нашата држава.
Светските трендови се развиваат во правец на развивање и се поголема примена на вештачката интелигенција, која е навлезена во сите сфери од живеењето, преку склопување на машини и модернизација на процесот на производство, се до помош во домовите, па дури и создавање на дела и креации кои порано биле можни единствено со помош на човекот.
Можностите кои ги нуди вештачката интелигенција се неограничени. Тоа и се докажа преку брилијантниот успешен обид на творецот на вештачката интелигенција и на модерната когнитивна наука, Алан Туринг, преку декодирањето на познатата машина, Енигма, која Германците ја употребувале како сигурен начин за комуникација за време на Втората Светска Војна.
Визионерските обиди на Туринг, денес се реалност. Државите веќе се натпреваруваат во однос на подобрените перформанси на машините, производство на најсофистицирани софтвери и модернизирање на секојдневните навики на луѓето.
Употребата на вештачката интелигенција и компјутеризацијата се пресликува и применува и во јавната сфера, како и во работењето на нашите институции.
Па така, илустрирано преку едноставни примери, ако порано билетите ги издаваа луѓе, сега тоа го прават машините. Физичкото плаќање на сметки кое порано беше единствено можно преку шалтери, сега е заменето со онлајн плаќање, исто како што е овозможено и вадењето на лични документи да биде по електронски пат а она на што веќе работиме е електронски ИД за граѓаните на Северна Македонија.
Така, го исклучуваме влијанието на човечкиот фактор, можноста за грешки и за коруптивни практики.
Водени од оваа идеја, за поздравување е воведувањето на АДА-првиот дигитален асистент за јавни услуги во давањето јавни услуги, со што ги надоградуваме нашите практики за дигитализација во општеството.
Како Влада, која е насочена кон осовременување и следење на светските трендови, во изминатиот период поддржавме, а и ќе продолжиме да поддржуваме поголем број на иновативни иницијативи.
Беше формиран Националниот совет за дигитална трансформација на општеството, со усвојување на концептот за осовременување на функционирањето на сите институции.
Фондот за иновации и технолошки развој, преку своите финансиски инструменти, ко-финансира 1080 проекти, со заеднички инвестиции од околу 112 милиони евра. Од нив, над 50 % се стартап компании, основани претежно, од млади луѓе.
И оваа година продолжуваме со силна поддршка на компаниите за инвестиции кои ја зголемуваат конкурентноста преку иновативни идеи.
Минатата година, беше трета по ред, како компаниите, кои реализирале инвестиции, финансиската поддршка ја добија во целост, што е исклучително важно при планирање на расположливи средства во услови на криза.
Лани имавме рекордна исплата од 23 милиони евра, како и рекорден број на поддржани компании, 410 по Законот за финансиска поддршка на инвестиции. Бројот на компании како и буџетот за поддршка расте од година во година, почнувајќи од 2017 година, кога и почнавме со оваа програма.
Со цел да ги олесниме административните процедури, од 2020 година креиравме и one stop shop за инвестиции.
Сето ова го правиме со цел да помогнеме на домашните и странските инвеститори, да придонесеме за поголема конкурентност и ликвидност на компаниите, а преку тоа и во развојот на домашната економија.
И тоа во услови на економска и енергетска криза, со цел, полесно да се справиме со предизвиците и да не дозволиме нарушувања и големи пореметувања во домашната економија.
Уште еднаш да ја поздравам денешната промоција на АДА и да посакам успешна имплементација на првиот дигитален асистент базиран на вештачка интелигенција со што Република Северна Македонија станува дел од глобалните дигитални светски трендови.
Благодарам.“