Државна делегација на Република Северна Македонија и црковна делегација на Македонската православна црква – Охридска Архипеископија присуствуваа на појавувањето на Благодатниот оган во базиликата Свет Гроб во Ерусалим, а потоа и лично презедоа Оган од Ерусалимскиот патријарх, како благослов за верниците во нашата држава и нашата православна црква, МПЦ-ОА.
Државната делегација во Ерусалим ја предводи министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, а во состав се министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски.
Во црковната делегација се повеќемина свештени лица предводени од шефот на делегацијата на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија, Митрополит Тетовски-гостиварски, г. Јосиф Тодоровски.
На церемонијата „Преземање на Благодатниот оган во Ерусалим” во базиликата на Светиот Гроб во стариот град на Ерусалим, државата Израел, присуствуваат голем број делегации од држави од светот, меѓу коишто, рамноправно со другите делегации, присуствуваат претставници на македонска државна и македонска црковна делегација.
Целта на упатувањето на делегациите во Ерусалим е чудото на слегувањето на Светиот Оган во Ерусалим, коешто се случува секоја година за време на посебната православна служба на Велика Сабота на пладне, во Базиликата на Светиот Гроб, во пресрет на полноќното исчекување на објавата за Христовото Воскресение.
И покрај оградата на науката, поради натприродниот карактер на појавата, со векови, присутните сведочат за доживувано слегување на несоздадениот Благодатен Оган, што го пали кандилото на пресветиот Гроб, без човечка интервенција. Од тоа кандило Ерусалимскиот патријарх пали снопови со свеќи, од коишто понатаму им го дели Огнот на присутните верници, кои го очекуваат.
Церемонијата на преземање на Благодатниог оган е посветена на празнување на Светата светлина, што се смета за величествен момент којшто ги поврзува верниците ширум светот со светлината на Исус Христос, а се случува во Ерусалим речиси 2.000 години, на којшто чин присуствуваат христијани од целиот свет.
Македонската државна и црковна делегација по завршувањето на свечената церемонија се враќаaт во Скопје, пренесувајки го во фенер Благодатниот оган од Ерусалим.
На Меѓународниот аеродром Скопје, државната и црковната делегација е предвидено, со почести да ги пречекаaт претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски и свечената црковна делегација на МПЦ-ОА.