Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски и министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу, денеска, одржаа прес-конференција, на која ги презентираа процесите на дигитализација и дигитална трансформација на нашата држава во следниот период, а која точка беше усвоена на денешната владина седница.
Новата дигитална агенда на Министерството за информатичко општество и администрација е една од главните точки на новата национална развојна стратегија. Новите процеси на дигитализација ќе го подобрат работењето на јавната администрација и ќе обезбедат брзи услуги на граѓаните, што ќе придонесе кон намалување на корупцијата во државата преку намалување на влијанието на човечкиот фактор за процесите каде што истите може да се автоматизираат.
„Денес ја промовираме програмата за Дигитализација „DigitalEra” на Министерството за информатичко општество и администрација, како и сите активности кои што се потребни за реализација на дигитализацијата на процесите во нашата држава. Имплементацијата на овие активности преку дигитализација ќе доведе до подобрување на услугите за граѓаните, поголема ефикасност на институциите, преку што и ќе се влијае на намалување на корупцијата и креирање на побезбедна дигитална околина за граѓаните“, изјави премиерот Ковачевски, на денешната прес-конференција, додавајќи дека дигитализацијата е предвидено да се воведе во сите сфери во државата. Премиерот изрази задоволство од солидната искористеност на првиот дигитален асистент за јавниот сектор, базиран на вештачка интелигенција, АДА, кој е и прв во регионот, со оглед на фактот дека во првите 48 часа, АДА има дадено услуги кон 1.321 граѓанин во делот на споделување на информации.
Планирано е да се основа Агенција за дигитализација, со што ќе се овозможи дигитализирана јавна администрација која ќе влијае на ефективноста, транспарентноста и отчетноста на управувањето.
„Со воспоставување на новата Агенција за дигитализација ќе се овозможи дигитализирана јавна администрација, која ќе ги подобри ефективноста, транспарентноста и отчетноста на управувањето и ќе придонесе кон стабилен економски раст на земјата. И второ, ваква Агенција за дигитализација ќе може да ги консолидира и кадровските ресурси кои што работат на ова поле, меѓутоа да стане и конкурентна во делот на привлекување на ИТ инженери, коишто знаеме дека се дефицитарни и кои што имаат висока цена на пазарот на труд, со што државата ќе може да ги обезбеди кадрите кои што се потребни на полето на дигитализацијата и на полето на сајбер безбедноста. Оваа година ќе има суштински реформи, засновани на клучните европски принципи за дигитализација на услугите, насочени кон трансформирање на начинот на кој граѓаните комуницираат со јавната администрација“, рече премиерот, потенцирајќи дека паралелно со процесите на дигитализација, се поддржуваат и процесите кои ќе се реализираат преку неколкуте стратегии, како што се Стратегијата за ИКТ, Националната стратегија за сајбер безбедност, Стратегијата за реформа на јавната администрација, како и усогласувањето на нашата законска регулатива со ЕУ регулативата во однос на медиумите.
Во рамките на дигитализацијата, ќе се воспостават Интегрираните сервисни центри (One point of service) ЕТУ, кои го нудат концептот на едношалтерски систем, кои ќе бидат достапни за сите граѓани во 333 пунктови на државно ниво, за добивање на многу услуги само на една локација. Овие ЕТУ шалтери ќе бидат дел од инфраструктурата на АД Пошта на Северна Македонија.
На административните шалтери ќе се овозможи лицата со посебни потреби да имаат приоритет за добивање на административни услуги. Се предвидува субвенционирање на програми од стратешки интерес за државата како што се сајбер безбедноста, вештачката интелигенција итн., како и воведување на дигитална лична карта.
„Денес пред вас го претставуваме слоганот на MИОА, а тоа е „Дигитална ера“, со кој ќе се продолжи и води процесот на дигитална трансформација. Дигиталната трансформација суштински ќе го промени односот помеѓу државата и граѓанинот, создавајќи основи на безбеден и доверлив систем кој ќе ги подобри јавните услуги, обезбедувајќи ги преку националната платформа и Една Точка Услуги ( ЕТУ).
Со дигитализацијата на јавните услуги значително ќе го намалиме времето што граѓаните го поминуваат за добивање услуга на шалтерите на јавната администрација. Овие услуги ќе бидат достапни во реално време, ќе бидат транспарентни, отчетни и поевтини, со што клиентелизмот, фаворизирањето и монополизирањето на процесите ќе бидат минато“, рече министерот за информатичко општество и администрација, Алиу, на прес-конференцијата, додавајќи дека при дигитализацијата на услугите, посебен акцент ќе се стави на подобрување на дигиталната инфраструктура за лицата со посебни потреби.
Министерот Алиу појасни дека Министерството за информатичко општество и администрација веќе има обезбедено интегрирани услужни пунктови во 5 градови, кои го нудат концептот на едношалтерски систем, а со новата Стратегија за дигитална трансформација, граѓаните ќе имаат можност да ги добиваат овие услуги во сите населени места. Потенцирајќи го значењето на сајбер безбедноста како еден од столбовите на новата Агенција за дигитализација, која ќе се основа годинава, министерот Алиу ги повика сите државни и јавни институции да го поддржат процесот на дигитализација.