„Во услови на најголемата економска и енергетска криза којашто светот ја памети од Втората светска војна досега, како одговорна Влада успеавме, не само успешно да ја пребродиме кризата, туку и да ја претвориме во можност“, порача премиерот Димитар Ковачевски, на денешната седница за пратенички прашања во Парламентот.
Премиерот посочи на повеќе владини политки коишто даваат резултати во однос на егзистенцијата на граѓаните, на работата на компаниите и во економијата.
„Со политиките што ги започна Владата на Република Северна Македонија уште пред година и половина, успеавме да ја покачиме минималната плата и просечната плата на историски највисоко ниво.
Постигнавме стопроцентно зголемување во однос на 2016 година и обезбедивме системско загарантирано решение – за да не зависи никогаш повеќе, како порано, од која било влада. Денес минималната плата е над 20.000 денари.
Имаме континуиран раст на просечната плата, а пензиите во март 2023 година, споредено со март 2016 година се зголемени и тоа просечната пензија за 47 проценти и минималната пензија за 60 проценти“ посочи премиерот Ковачевски.
Ако во 2013 година, рече премиерот Ковачевски, биле потребни 4 минимални плати за покривање на една потрошувачка кошница, денес се потребни 2,1 минимални плати за покривање на една потрошувачка кошница, што е одговор на коментарите дека платите „ги јаде“ инфлацијата.
Премиерот посочи и на мерките со коишто се замрзнати цените на повеќе производи, за да се заштитат граѓаните и домашниот пазар од злоупотреби.
„Ги замрзнавме и намаливме цените на дел од прехранбените и хигиенските производи.
На последната владина седница, го продолживме рокот на важност на замрзнатите цени на дел од производите“, рече премиерот Ковачевски.
Во насока на преземените мерки за заштита на граѓаните во услови на економската и енергетската криза, премиерот го посочи донесениот пакет антикризни мерки за компаниите и граѓаните во висина над 760 милиони евра, што е оценет како најголема државна помош во регионот.
И додаде дека со Буџетот за 2023 година обезбедивме и дополнителни 250 милиони евра за антикризни мерки.
„Со цел домаќинствата и правните субјекти да се справат полесно со трошоците на електрична енергија, ја субвенциониравме пазарната цена на струјата и тоа со 80 проценти од реалната цена, за сите 600.000 домаќинства.
Да не беше ова субвенционирање, граѓаните би плаќале 5 пати повисоки сметки за струја. Исто така, за 2/3 беше пониска цената на електричната енергија за компаниите на регулираниот пазар, 72 илјади компании коишто вработуваа 98 проценти од нашите работници во државата“, рече премиерот Ковачевски.
„Од 2017 работиме на рестуктурирањето на нашата економија“, порача премиерот Ковачевски и посочи на резлтатите и во делот на инвестициите и работата на домашните компании.
Во 2018 година, како што рече премиерот Ковачевски, беше одобрен Планот за економски раст, со којшто покрај поддршката на странските инвестиции, се поддржуваат и домашните инвеститори. А ефикасен е и новиот концепт на инвестиции и поддршка на инвестициите во ТИРЗ.
„Странските директни инвестиции, во кризни услови, минатата година, достигнаа рекордни историски износи од 753 милиони евра, само во една година. Тие се два пати поголеми во однос на 2016 година“, рече премиерот Ковачевски.
Минатата недела, како што додаде премиерот, еден од најголемите производители на чипови за автомото индустријата, за авио индустријата, медицинската индустрија и 5Г технологиите - Јагео, одлучи да отвори 205 милиони евра вредна инвестиција, каде ќе работат речиси 4.000 вработени, што се сметаше досега за незамисливо да се произведува во Македонија.
„Последниве две години се постигнати договори од над 650 милиони евра, што е над половина од вкупниот обем на донесени инвестиции во претходните 10 години. Со новата инвестиција која ја споменав, надминуваме износ над 850 милиони евра.
И денес имаме начелна согласност за уште една нова инвестиција странска во државата, којашто наскоро ќе биде потпишана меѓутоа со оглед на тоа што сè уште не е договорен денот на потпишувањето, ќе го објавиме кога ќе бидат подготвени сите документи, а многу скоро ќе присуствуваме на отворањето на градежните работи на нов производствен капацитет во ТИРЗ во Скопје “, соопшти премиерот Ковачевски.
„Тука ќе морам да напоменам дека минатата година во услови на најголема криза, Северна Македонија имаше рекордна реализација на капитални инвестиции од 465 милиони евра, што е за 60% повеќе од 2014 година која што сите заради нејзината популарност ја сметаат за година на најголеми инвестиции.
Минатата година инвестициите беа 65% поголеми од таа година, значи сите споменици кои ги гледате овде, целиот овој стиропор, жални врби, среќни врби и т.н. - 60% поголеми инвестиции има оваа година од таа година.
Единствената разлика е што тогаш за 1 евро инвестиција се трошеа 4 евра за реклама на телевизија. Сега не се трошат пари за реклама на телевизија за инвестициите коишто се прават“, рече премиерот Ковачевски, кој во обраќањето во Парламентот посочи и на намалување на невработеноста, за 8% и истовремено зголемување на вработеноста за 9,5%.