„ Денес имаме исклучително важна и конструктивна пријателска средба со државниот секретар Ентони Блинкен и со неговите први соработници, на коишто навистина беа реафирмирани и истакнати сите оние главни стратешки цели кои што државата ги има, а во чие остварување секогаш сме ја имале помошта на САД.
Многу јасно беше истакната поддршката на САД за ЕУ интеграција на нашата држава“, изјави претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во интервју за Гласот на Америка, оценувајќи ги пораките од средбите со високи претставници на Стејт Департментот, за време на неговата работна посета на САД.
Премиерот Ковачевски потенцира дека за време на средбите била истакната улогата на нашата држава како исклучително важен член на НАТО – алијансата, со оценка дека сме многу активни со своето учество, а се разговарало и за нашата улога како претседавачи со ОБСЕ во годината која е најтешка после Втората Светска војна и за тоа дека процесите се одвиваат на начин на којшто земјите членки на ОБСЕ тоа го очекуваат од нас како претседавачи.
„Разговаравме, исто така, и за заедничките проекти коишто ги имаме со нашите стратешки партнери, тука пред се мислам на САД, меѓутоа и на Германија и Франција и други членки на ЕУ, во делот на енергетската независност и обезбедувањето на непречено снабдување со енергенси на државата како во текот на минатата година кога имавме навистина помош од САД, така и во изградбата на идните големи инфраструктурни проекти во делот на енергетиката.
Пред се, мислам на гасоводот кој ќе оди од ЛНГ терминалот од Грција преку Евзони и Богородица до Неготино. Исто така, разговаравме и за други инфраструктурни проекти како што е изградбата на Коридорот 8 и 10д, за коишто знаете дека со одлуката на нашиот парламент, двата патни правци ќе се градат од американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, рече премиерот Ковачевски во интервјуто за Гласот на Америка.