Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, во врска со процесот што се води во Собранието за уставните измени, посочи дека не постои никаква забелешка од академската заедница, од граѓаните и граѓанските организации во однос на содржината на уставните измени.
„Тие не задираат во ниту едно идентитетско прашање на македонскиот народ. Напротив, со вклучувањето и на други делови од народи, се прави јасна дистинкција меѓу македонскиот народ со сите негови обележја, јазик, култура, идентитет и другите народи вклучително и бугарскиот јазик. За прв пат ние ќе имаме во еден документ, официјален каде што ќе стои македонски народ и бугарски народ. Тоа е спротивно на поранешните тези кои беа пласирани од страна на голем број на политичари од соседството“, рече премиерот Ковачевски.
„Секогаш нашата држава ја воделе две јасни цели во поглед на меѓународното етаблирање на државата – членството во НАТО и членството во ЕУ. Ние таа јасна визија не смееме да ја изгубиме бидејќи граѓаните сакаат да видат држава која е дел од ЕУ“, порача премиерот Ковачевски.
Претседателот на Владата, Ковачевски, истакна и дека постои момент на проширување на ЕУ поради геополитичката ситуација по војната во Украина, со јасни пораки во однос на проширувањето во ЕУ какви што немало во минатото.
„Преговарачката рамка е усвоена од 27 земји членки, одобрена и доставена до Република Северна Македонија. Ние ја прифаќавме со гласање во Собранието со соодветни заклучоци, до кои заклучоци се придржува оваа Влада и сите други влади во иднина ќе се придржуваат. Затоа, имаме простор за процесот, да може секој пратеник во Собранието да одлучува согласно волјата и визијата на граѓаните што ја застапиле. 80, и над 80% од граѓаните на државата сакат да живеат во ЕУ, сакаат државата да биде дел од ЕУ“, порача премиерот Ковачевски во вечерашното телевизиско интервју за ТВ21.