Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски се обрати на официјалното отворање на 14. Меѓународна научна конференција на тема „Стратешки и безбедносен концепт за земјите од ЈИЕ“, која од 27 до 29 септември се одржува во Струга, во организација на Факултетот за безбедност – Скопје и Фондацијата „Фридрих Еберт“. Спасовски упатувајќи благодарност до организаторот за поканата да се обрати пред експертскиот и стручен собир од областа на безбедноста во Струга, истакна дека темата низ призмата на актуелните глобални случувања заслужува крајно сериозно, како стручно, така и јавно, и секако политичко промислување и дебатирање.
„Всушност, сосема се согласувам со констатацијата која организаторот на оваа научна конференција ја изнесе низ дискусија пред подготовките на настанот, според која светот никогаш како денес не бил пред така силно и темелно искушение на геополитички и цивилизациски план. Станува збор за предизвик кој што нужно бара соодветни и глобални и, се разбира, национални одговори, оти едноставно, никој не е заобиколен од актуелните последици, а уште помалку од реперкусиите коишто допрва, во годините пред нас, можат да произлезат од случувањата на истокот од Европа”, истакна министерот Спасовски, додавајќи дека тие влијанија имаат рефлексија врз сите пори на општествените и политичките програми, концепти и одлуки, а кои се понудени за стручно-експертско анализирање и дискусија на оваа Конференција.
„Од заштита на критична инфраструктура и важност на специјалните полициски единици во справување со модерните закани, преку хибридни закани, градење отпорност и менаџирање на ризик, па сѐ до криминалистички истраги кај сериозен и организиран криминал или пропаганда и лажни вести, секако вклучувајќи ги и искуствата на поедини теми на гостите од земјите од регионот”, рече Спасовски, нагласувајќи ја важноста што токму академската заедница е, како многу пати претходно, иницијатор за разгледување на низа суштински прашања, а во насока на креирање на квалитетните теоретски постулати што треба да се трансформираат во дејствителни фундаменти на практиката.
Говорејќи за настаните во Украина од 2022 година наваму, Спасовски беше категоричен дека истите предизвикаа тектонски последици во регионот на Југоисточна Европа, и во иста, па дури и во поголема мерка нужно сугерираат на постоењето на глобалните геополитички предизвици.
„Предизвици од кои што не е одминат никој, дури би рекол, дека регионот на Југоисточна Европа како по своите географско-историски, така и по своите општествено-политички предиспозиции и специфики се чини подиректно изложен на потребата од соодветни одговори, наспроти евидентните нови геополитички трендови. Потребата од пронаоѓање на издржани аргументи, потребата за креирање на квалитетни политички концепти и одлуки во одбрана на регионалната и на националната стабилност со веќе јасно детерминирани наши национални интереси, е неминовност пред која што не може и не смее да се замижи”, рече министерот Спасовски, потенцирајќи ја упатеноста кон јасно детектирање на наметнатите предизвици и искушенија, како и градење соодветни одговори кон нив.
На крајот од своето обраќање Спасовски ја изрази увереноста дека ваквите научни конференции го оправдуваат во целост своето значење и важноста и нудат извонредни можности, преку квалитетна дебата и аналитичка експертиза, да се дојде до оптимални општествено полезни предлози и идеи во интерес на одбрана и зацврстување на стратешките интереси на државата, и секако, во интерес на регионалната и европската стабилност и безбедност.