Владата на Република Северна Македонија, на денешната седница донесе одлука за изменување на одлуката за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во НАТО операцијата „КФОР“ во Република Косово.
Со одлуката е предвидено зголемување на учеството на припадниците на Армијата на Република Северна Македонија во операцијата „КФОР“ во Република Косово со дополнително испраќање на еден вод од 35 лица. Одлуката е донесена врз основа на препораките на високите воени претставници во НАТО и заклучоците донесени на состанокот на началниците на Генералштабовите на земјите членки на иницијативата за соработка во одбраната, а со цел зајакнување на безбедноста и сигурноста на Република Косово.
За учество во НАТО операцијата се испраќаат 70 припадници на Армијата за период од шест месеци, сметано од ноември 2023 до мај 2024 година.
Со оваа измена на Одлуката, вкупниот број со кој ќе учествуваме во операцијата „КФОР“ во Република Косово ќе изнесува 101 припадник на Армијата на Република Северна Македонија.
Владата на Република Северна Македонија на денешната седница го разгледа и усвои Предлогот за поведување на постапка за водење преговори на Договорот за пристап до студии и прием во високо образование во Западен Балкан и Нацрт текстот на Договорот за пристап до студии и прием во високо образование во Западен Балкан кој ќе биде основа за водење на преговорите во рамки на Берлинскиот процес. Иницијативата за склучување на овој Договор произлегува од Берлинскиот процес како резултат на инклузивната континуирана соработка помеѓу шесте земји на Западен Балкан, односно помеѓу Северна Македонија, Албанија, Србија, Црна Гора, Косово и Босна и Херцеговина.
Целта на преговорите е да се склучи Договор кој ќе се применува во сите шест земји на Западен Балкан, а со кој, меѓу другото, се предвидува и постапката за признавање на дипломите за завршено средно образование во насока на овозможување пристап до високото образование во Западен Балкан.
Владата, на денешната седница донесе Одлука со која Јавната здравствена установа Институт по белодробни заболувања кај децата Козле-Скопје прераснува во Јавна здравствена установа Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата Козле-Скопје.
Со оваа одлука се овозможува проширување на дејноста на оваа здравствена установа преку специјалистичко-консултативна и болничка здравствена заштита и здравствена дејност на терцијарно ниво од областа на респираторните заболувања кај децата и цистичната фиброза, изведување образовна дејност, вршење усовршување на здравствените работници и научно-истражувачка дејност, како и вршење здравствени услуги кои бараат стручен, организациски и технолошки сложен и мултидисциплинарен здравствен третман од областа на респираторните заболувања кај децата и цистичната фиброза, изградување и спроведување на стручно-медицински доктринарни критериуми во својата област и укажување стручно-методолошка помош на здравствените установи од соодветната гранка на медицината.
Со оваа одлука, ќе се добие побрзо и поефикасно дијагностицирање, третман и лекување на пациентите и ќе се намали притисокот кон други установи со што ќе се обезбеди подостапна и поквалитетна здравствена заштита за пациентите.