Претседателот на Владата на Република Северна Македонија денеска присуствуваше и се обрати на ЈЗУ УК за ортопедски болести, каде во употреба беше пуштена реновирана хируршка сала. Со ова реновирање се заокружува еден процес кој значи осовременување на овие капацитети за лекување, хируршки интервенции и закрепнување на пациентите, на Клиниката. За реновирање на хируршката сала потрошени се 15.000.000 денари, пари обезбедени од Фондот за здравствено осигурување, а дел се донации.
Во продолжение Ви го испраќаме интегралното обраќање на премиерот Ковачевски:
„Добар ден на сите,
Најпрво сакам да го поздравам Министерот за здравство, г. Меџити,
Директорот на Клиниката ТОАРИЛУЦ Трајановски и Азири,
Нивните колеги, присутните хирурзи тука, персоналот на една од најголемите клиники,
Пред се, да ги поздравам граѓаните,
Драго ми е што денеска ја пуштаме во употреба целосно реновираната прва операциона сала која е во склоп на целиот оперативен блок на Клиниката за ортопедски болести во која има вкупно 4 операциони сали.
Со министерот Меџити и медицинскиот директор на Клиниката д-р Трајановски и организацискиот директор д-р Азири направивме обиколка на реконструираниот дел и сега слободно можам да кажам дека Клиниката наликува на условите кои ги имаат големите медицински центри ширум светот што е особено важно не само за пациентите туку и за здравствените работници кои овде ја работат својата работа. Тука можам слободно да кажам дека персоналот на оваа Клиника е навистина на врвно светско ниво, тука се навистина познати доктори, дел се тука до нас и Гавриловски и Илир и сите тука што се. Навистина пациентите во Македонија имаат среќа што имаме вакви ортопеди, хирурзи тука на нашата Клиника.
Реформите и инвестициите во здравство се процес во кој е еден од најважните приоритети на Владата. Ниту во време на најголема здравствена и економска криза тој процес не застана и затоа во изминатиот период имавме пуштање во употреба на голем број на нови реновирани здравствени објекти, меѓутоа и на пуштање на нова опрема ширум медицинските центри во државата.
Финансиските средства на оваа операциона сала се издвоени од фондот за здравство во висина од 15 милиони денари или 250.000 евра и има еден дел кој е донации во одреден дел од опремата.
Со оваа инвестиција овозможивме Клиниката да има зголемен број на операции за 20% на годишно ниво а со новата опрема за пациентите обезбедивме современа и комплетна грижа.
Сево ова претставува само еден мал сегмент на она што се прави во целиот систем на здравството и она што ќе се прави во оваа Клиника овде, со оглед на тоа што преостануваат уште 3 сали да бидат комплетно реновирани, дополнително и делот на КАРИЛ што ќе започне со комплетно реновирање, на тој начин ќе имаме многу посовремени услови на здравство коешто нашите пациенти го заслужуваат.
На крајот сакам да се заблагодарам за напорната работа и на менаџментот на оваа Клиника, на министерот за здравство, на неговата заменичка, на фондот за здравство со којшто на состанокот увидовме дека имаат одлична соработка.
Да посакам многу успех во работата и како што се вели – Што помалку пациенти што ќе ги користат овие услуги.“