Владата на Република Северна Македонија денеска на свечена седница ја одбележа четвртата годишнина од членството на земјата во НАТО.
Со седницата на која учествуваа членовите на Владата, претседаваше претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери, а збор зедоа и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, министерката за одбрана, Славјанка Петровска и првиот вицепремиер, Бојан Маричиќ.
Премиерот Џафери, во своето обраќање истакна: „Утре навршува четвртата годишнина од нашето полноправно членство во НАТО. За мене лично е од особено значење оваа годишнина, бидејќи имам чест и да се обратам како премиер на држава која повеќе не сонува за оваа стратешка цел, туку активно придонесува и е ценет член на најмоќната одбранбена Алијанса во светот.
Гледајќи ги актуелните кризи во светот и сите разгорени жаришта, се докажува исправноста на сите тешки одлуки кои не доведоа до денешното членство во НАТО. Ние ги гледаме и слушаме ужасите низ светот, но без страв за нас оти знаеме дека НАТО е најсилната безбедносна гаранција. Тоа е доказот дека секоја направена жртва - вредеше!“.
На седницата се обрати и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, кој нагласи: "Нашето членство во Алијансата претставува значаен придонес кон изградбата на стабилен и безбеден регион, што е од посебна важност во овој период кога се соочуваме со актуелните безбедносни предизвици предизвикани од руската воена агресија во Украина.
Како членка на НАТО, Северна Македонија не претставува само фактор на стабилизација на Регионот, туку и поттик за земјите во нашето соседство, кои имаат волја и се подготвени да застанат зад заедничките евроатлантски вредности и цели", рече Османи, истакнувајќи дека од корисник на безбедност, Северна Македонија се трансформира во земја која произведува безбедност, придонесувајќи во мултинационалните операции предводени од НАТО.
На свечената седница се обрати и министерката за одбрана, Славјанка Петровска, која потенцираше: „Првата клучна придобивка е тоа што со членството на Северна Македонија во НАТО повеќе никогаш нема да стане збор дали нашиот суверенитет, интегритет и безбедноста на граѓаните може да биде загрозена. Не може.
За една држава која има нешто повеќе од три децении независност и се наоѓа на Балканот, членството во НАТО значи огромна потврда на нејзината позиција на меѓународен план и голем успех. Значи безбедноста е на прво место, потоа се разбира таа безбедност и стабилност гарантира инвестиции и подобра економска состојба во државата. Затоа членството во НАТО беше стратешка цел на државата од првиот момент на нејзиното осамостојување, и треба да бидеме горди што ја реализиравме.
Ние веќе четири години не сме тема на масата како Балканска земја на која треба да и се помогне туку сме еднакви со сите земји членки и одлучуваме заедно. Северна Македонија од земја на која меѓународната заедница и помагаше да го задржи мирот сега е земја која активно придонесува за регионалната безбедност. И не може да стане збор за нарушување на нашата безбедност од чија било страна, бидејќи во тој случај зад себе имаме сојуз од 32 држави.
Нека ни е честита 4-годишнината од членството во НАТО. Презедовме голема обврска, огромна одговорност и постигнавме резултат. Нека е честит овој голем историски успех на нашата генерација".
Збор зеде и првиот вицепремиер, Бојан Маричиќ, кој во своето обраќање се осврна: "Денешниот ден, четири години откако сме членка на НАТО, најдобро во пракса ги демантира и скептицизмот и резервите и грчот од пред пет години. Денес имаме можност и да си честитаме и да одбележиме и да сме горди на Северна Македонија членка на НАТО.
Денес има околности кои ни укажуваат дека сме донеле вистинска одлука, дека сме биле на вистинската страна. Имаме војна во Украина а ние сме на безбедната линија на границата во Европа. Имаме држави како Финска и Шведска кои што се со векови воено неутрални и кои ја сменија својата надворешна и безбедносна политика на неутралност за да станат членки на НАТО каде што ние веќе сме членка. Имаме ситуација во регионот во која 3/6 држави од Западен Балкан се земји членки на НАТО а ние сме меѓу тие три заедно со Албанија и Црна Гора.
Тоа можеби ни се чини денеска подарено, меѓутоа за тоа сме се избориле тешко и со големи политички жртви. Но тоа само нѐ потсетува дека тешките одлуки се навистина вредни и за граѓаните и за државата. И дека тешките одлуки што треба да ги донесеме поврзани со членството во ЕУ нас политичарите сигурно ќе не чинат, меѓутоа бидете сигурни дека кога ќе прославуваме годишнина од членството во ЕУ дека граѓаните ќе ни бидат благодарни".
Обраќање на премиерот Талат Џафери
Почитувани членови на Владата,
Утре навршува четвртата годишнина од нашето полноправно членство во НАТО. За мене лично е од особено значење оваа годишнина, бидејќи имам чест и да се обратам како премиер на држава која повеќе не сонува за оваа стратешка цел, туку активно придонесува и е ценет член на најмоќната одбранбена Алијанса во светот.
Нашето Собрание во 1993 година едногласно ја усвои Резолуцијата за пристапување кон НАТО, со што започна и нашиот пат кон членството. Од 1993 до 2020 година, поминавме многу различни периоди и премрежија, и активно придонесувавме кон мировните мисии. Сепак, нашата трансформација во која од точка на дневен ред на НАТО станавме членка која има свое место на масата за одлучување, започна во 2017 година.
Формално, на 25 декември 2017 година, Собранието донесе Декларација за забрзување на реформските и интегративните процеси за зачленување во НАТО. Политички, започна со мудри и храбри државнички одлуки на тогашната Влада, со Преспанскиот договор, со реформи за кои макотрпно и активно работеа сите институции.
Заедничката работа и посветеност на сите политички актери во земјата за да се обезбеди членството во НАТО беше препознаена и од граѓаните. Таа обединетост стана натпартиска, над етничка и вроди со успех заради кој денеска тука го славиме овој ден како еден од најсветлите во нашата историја.
Верувам дека сите граѓани се горди на глетката како знамето на Северна Македонија се развиорува пред седиштето на НАТО во Брисел. Таа слика е сликата на историјата и иднината во едно место. И горд сум што успеавме да испишеме таква историја.
Денеска, Северна Македонија е вреднувана членка на Алијансата. Не само што живееме во стабилност и извесност, туку ние сме фактор на стабилност на Западен Балкан.
Денеска, ние сме НАТО.
Обединето и силно НАТО значи силна безбедност и стабилност, печат на нашиот територијален интегритет и суверенитет, и силна и достоинствена Армија. Ние сме дел од сојузот на најразвиените демократии во светот.
Стожери на светскиот мир на над милијарда граѓани кои живеат во заеднички демократски вредности и веруваат во меѓународен поредок базиран на правила.
Членството не ни носи само привилегии туку и обврски. Обврски да јакнеме, да бидеме поотпорни, да бидеме посилни и да се носиме со предизвиците кон одбраната кои ги носат денешните трендови и закани.
Јас не знам дали би го нарекол тоа обврска од членството, бидејќи тоа секако е и наша секојдневна работа и очекување кое граѓаните го имаат од нас и на чие остварување работиме посветено.
Нашата Армија, која е и нашата гордост, со членството во НАТО доживува трансформација. Ние одамна не зборуваме за старите униформи на Армијата, туку за модернизација на нашите способности. Ги решивме и надминавме предизвиците, забрзано ја издигнуваме Армијата на ниво на сојузниците, и таа се носи рамо до рамо со високи пофалби.
Денеска зборуваме за борбената спремност, за политиката на одбрана и одвраќање, која не значи само нова опрема и буџет, туку и активно обучување на армиските припадници. Способностите на Армијата цело време се третирани со приоритет, со што се исполнува целта на нејзиното постоење.
Гледајќи ги актуелните кризи во светот и сите разгорени жаришта, се докажува исправноста на сите тешки одлуки кои не доведоа до денешното членство во НАТО. Ние ги гледаме и слушаме ужасите низ светот, но без страв за нас оти знаеме дека НАТО е најсилната безбедносна гаранција. Тоа е доказот дека секоја направена жртва - вредеше!
Изминативе две години, кон Алијансата се приклучија и Финска и Шведска, правејќи ја уште поголема, посилна и пообединета. Втурнувањето на Европа во безбедносна, економска и енергетска криза со војната во Украина, резултираше со уште посилна солидарност. Русија сакаше помало и разединето НАТО, а доби зголемено и обединето НАТО, со јасна визија за сојузништво.
За крај, би сакал да кажам накусо збор два за иднината. Изминативе четири години, секоја од Владите има дадено свој придонес во нашето позиционирање во рамки на Алијансата. Ние успеавме да го заземеме нашето место и улога помеѓу сојузниците и да сме почитувана членка, поради нашата посветеност и принципиелност.
Од тука, произлегува нашата обврска силно да продолжиме да го чекориме патот на најважниот стратешки и безбедносен приоритет, а тоа е да работиме на што побрза целосна евро-атлантска интеграција, како на Северна Македонија, така и на регионот. За нас не постои друга алтернатива и иднина, освен таа на демократијата и прогресот.
Ви благодарам на вниманието!