Мицкоски: Започнуваме со изградба на нова детска градинка во Гази Баба во која ќе бидат згрижени над 60 дечиња и го решаваме проблемот со листите за чекање

Почитувани присутни,
Браќа и сестри.
Денес го одбележуваме стартот на уште еден важен проект, нова детска градинка овде во Трубарево.
Во Гази Баба се реализира уште едно ново ветување, кое беше дадено на изборите пред граѓаните. Проблемот со недостаток на градинки, особено во големите населени места е хроничен.
Листите на чекање преставуваат сериозен проблем и на овој начин преку изградба на вакви објекти ние го правиме првиот чекор за решавање на проблемот. 19 милиони денари ќе се инвестираат за градба на оваа градинка која ќе има опфат на над 60 дечиња.
Но, ова не е единствениот проект кој се реализира за овој крај и оваа општина. Можам да му честитам за посветеноста и ангажираноста на градоначалникот Бобан Стефковски кој во моментов реализира повеќе десетици проекти важни за граѓаните. Се разбира ја користам оваа прилика да им честитам и на советниците кои ја поддржуваат работата на градоначалникот, истовремено и на пратениците во македонското Собрание кои грчевито се борат за да можат да обезбедат проект повеќе за општина Гази Баба.
Работата е нашиот белег, додека на тазе опозицијата белег е политиката на ниски страсти, кочење и лаги. Ние ќе продолжиме со работа.
И ќе решаваме што е можно повеќе проблеми на граѓаните. Затоа што само така се сака Македонија. Само така ќе правиме повеќе за тебе, за сите вас.