Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, заедно со неговиот заменик, Ерџан Селими, денеска ја посетија Општина Гази Баба, како дел од теренските посети на општините „Каде што срцето е дома“. Во разговор со градоначалникот Бобан Стефковски и членовите на општинскиот Совет, тие дискутираа за актуелните измени на Законот за локална самоуправа, учеството на Општината на вториот јавен повик за финансиска поддршка на инфраструктурни проекти, како и за предизвиците и потребите со кои се соочува општината, базирани на барањата на граѓаните.
Министерот Перински изрази задоволство од напорите на градоначалникот Стефковски за унапредување и развој на сите делови на Гази Баба.
„Ова е од особена важност, со оглед на тоа дека општината има значителен рурален дел, а интегрирањето на урбаниот и руралниот дел е клучно за обезбедување рамномерен и одржлив раст. Нашиот фокус како Влада е поддршка на изградба на инфраструктура и подобрување на јавните услуги, со цел развој на целата општина и подобар квалитет на јавни услуги, без разлика дали станува збор за урбани или рурални средини. Продолжуваме да се стремиме заедно кон развој кој ќе ги вклучи и унапреди сите делови на општината“, изјави Перински.
На средбата се дискутираше и за евентуални измени на Законот за Град Скопје, дали во измените на Законот за локална самоуправа е предвиден механизам кој ќе гарантира спроведување на одлуките на Советот од страна на градоначалникот, советниците предложија да се направат измени и во критериумите за индекс на степен на развиеност на општините, а министерот ги информираше присутните и за програмите на Министерството со кои се дава поддршка на Општините, покрај јавниот повик за инфраструктурни проекти.
Градоначалникот Стефковски, изрази задоволство од досегашната соработка со Министерството и ја поздрави иницијативата за теренските посети на општините, а истовремено информираше дека Општината веќе аплицирала со 12 проекти на вториот јавен повик за финансиска поддршка на инфраструктурни проекти.
„Сметам дека поддршката е особено важна за брз развој на општините, со особен акцент на рамномерен регионален развој, бидејќи преку него ќе се решат децениските проблеми со кои се соочуваат општините, особено со онаа специфичност каква што ја има Општина Гази Баба, во којашто поголем дел од нејзината територија е рурален дел. Убеден сум дека преку овој проект ќе ги решиме сите оние проблеми кои ги имаат граѓаните, а се однесуваат на комунална и патна инфраструктура“, истакна Стефковски.
Утре, во рамки на „Каде што срцето е дома“ во Општина Гази Баба, министерот Перински ќе одржи средба со претставници на бизнис секторот и невладини организации, културни и спортски работници. Добредојдени се и сите граѓани кои имаат прашања, предлози и сугестии во насока на поголем напредок на Општината. Средбата ќе се одржи во 12.30 часот во ООУ „Дане Крапчев“.