Мисајловски: Македонско – словенечката соработка е пример за сојузништво и меѓусебна доверба

Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска (17 февруари) престојува во официјална посета на сојузничка Словенија каде со највисоки воени почести беше пречекан од неговиот словенечки колега, министерот за одбрана Борут Сајовиц.
Во рамки на посетата министерот Мисајловски имаше тет-а-тет средба со Сајовиц, по што беа реализирани и разговорите помеѓу двете делегации, а беше потпишан и Планот за билатерална соработка помеѓу двете земји за 2025 година.
Мисајловски македонско-словенечките одбранбени односи ги нарече „пример за тоа како треба да соработуваат две исклучително пријателски и сојузнички земји“ истакнувајќи дека тие се базираат „исклучиво на меѓусебна почит и силна доверба.“
„Соработуваме во многу области во одбраната – против-воздушната одбрана, логистиката и јавните набавки, военото разузнавање, инспекцијата, НАТО – планирачкиот процес и многу други. Нашите војници не само што вежбаат и се обучуваат заедно, тие заедно го носат товарот и на колективната одбрана на Алијансата, служејќи во мултинационалните сили на НАТО во Латвија. Во тоа се гледа заедништвото“, рече Мисајловски на заедничката прес-конференција со министерот Сајовиц.
Министерот се осврна и на словенечката поддршка во борбата со пожарите во нашата земја минатото лето при што рече дека таа е круна на соработката и дека „професионалноста на припадниците на словенечките вооружени сили, полиција и цивилна заштита и нивната пожртвуваност е видена и неизмерно ценета.“ Како чин на благодарност, денеска во вилата Подрожник Мисајловски ќе им додели признанија на припадниците на словенечката полиција, армијата и на Словенската управата на заштита и решавање, кои беа активно вклучени во борбата со пожарите.
Словенечкиот министер Сајовиц соработката во одбраната ја нарече „многу добра“ и даде силна поддршка за членство на нашата земја во Европската Унија, укажувајќи дека членството во Унијата е добро и за животот и безбедноста во регионот. Сајовиц се осврна и на заедничките активности во регионален и НАТО контекст, споменувајќи ги Балканските медицински наменски сили и Централно-европската одбранбена соработка, како и заедничкото учество во мултинационалните сили на НАТО во Латвија.