Доделени признанија за Управување со квалитет во јавниот сектор: Централниот регистар на првото место  

Под покровителство на Министерството за јавна администрација, денес, се одржа свечен настан по повод доделувањето на признанијата за Управување со квалитет во јавниот сектор. 

 

На настанот се обрати Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, кој истакна дека квалитетното управување не е само обврска, туку суштинска вредност и патоказ кон европско и одговорно управување.

 

„Управувањето со квалитет не е само алатка – тоа е волја за вистинска промена, за јавна администрација што работи во служба на граѓаните“ - изјави министерот Минчев во своето обраќање.

 

Оваа година, признанијата беа доделени на институциите кои покажаа највисоко ниво на посветеност, ефикасност и транспарентност во своето работење и тоа:

•             Прва награда: Централен регистар на Република Македонија

•             Втора награда: Агенција за вработување на Република Македонија (АВРМ)

•             Трета награда: Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ)

 

„Овие институции не се само успешни приказни – тие се доказ дека реформите се можни и дека доброто управување носи доверба“ - нагласи министерот Минчев.

 

Настанот беше организиран во соработка со Координативното тело за управување со квалитет и претставува поттик за сите јавни институции да продолжат со унапредување на своите процеси, системи и услуги, во интерес на граѓаните и државата.

 

Министерството за јавна администрација останува посветено на реформите, европските стандарди и унапредување на јавниот сектор како двигател на промените.