Генералниот секретар на ОН, Бан Ки-Мун следната недела во посета на Македонија

Генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки-Мун, на 24 и 25. овој месец ќе престојува во официјална посетата на на Република Македонија.

Посетата, како што е наведено во денешното соопштение од македонското МНР, е исклучителна можност за размена на мислења со првиот човек на светска организација за бројни актуелни прашања од агендата на ОН, како ангажманот на ОН во разрешување на кризните жаришта во светот, справувањето со широката лепеза на глобални предизвици како што се  искоренување на сиромаштијата, борбата против тероризмот, непролиферацијата на оружје, одржливиот развој, климатските промени...

Средбите кои генералниот секретар на ОН ќе ги има со највисокото македонско раководство, ќе бидат прилика за истакнување и потврда на целосната поддршка на Република Македонија кон напорите на светската организација  за зачувување на мирот и безбедноста во светот, а особено на заложбите на Генералниот секретар за спроведување реформи на целиот систем на Обединетите Нации, неговите активности за разрешување на состојбата во Сирија, транзицијата во Либија и Тунис, натамошните активности во делот на одржливиот развој по неодамнешната конференција Рио+20, како и други теми од глобален интерес.

- Бан Ки-Мун ќе го информираме за постигнувањата на Република Македонија од својата независност и во текот на 19-годишното членство во ОН, за изградбата на мултиетничка функционална демократија, за нашиот придонес кон регионалниот развој и соработка, со посебен акцент на градењето добрососедски односи, за нашите заложби и придонес за континуирано унапредување и почитување на човековите права ширум светот, за што потврда е нашата кандидатура за членство во Советот за човекови права за периодот 2014-2016, за нашата интенција за зголемено учество во мировни операции на ОН, како и голем број други активности во насока на зајакнување на соработката и партнерството на Република Македонија со Обединетите Нации, се наведува во соопштението од МНР.

Пред Бан Ки-Мун, меѓу другото, ќе биде посочено успешното македонско претседавање со 62-то Генерално Собрание на Обединетите Нации, како најдобар пример дека една мала земја како Република Македонија, може активно да придонесе за мобилизирање на членството на ОН за справување со одредени глобални прашања, како односот кон климатските промени, или пак реформата системот на ОН, вклучувајќи ја ревитализацијата на Генералното собрание.  

- Фактот што во придружба на Бан Ки-Мун ќе допатува и неговиот специјален претставник за спорот со името Метју Нимиц, го гледаме како потврда на важноста што Генералниот секретар на ОН ја придава кон што побрзо разрешување на ова прашање и изнаоѓање начин за интензивирање  на процесот, стои во соопштението.

Од македонското Министерство за надворешни работи потенцираат дека на Генералниот секретар и на посредникот Нимиц ќе им биде повторен нашиот конструктивен приод и решителност за што побрзо изнаоѓање заеднички прифатливо решение во врска со спорот со името.