МВР и Филозофскиот факултет при УКИМ потпишаа Меморандум за соработка

Министерството за внатрешни работи и Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ денеска потпишаа Меморандум за соработка.

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и деканот на факултетот Горан Ајдински, кои го потпишаа меморандумот, во присуство на ректорот Велимир Стојковски, истакнаа дека со овој документ, не само што ќе се овозможи размена на знаења и искуства, практична работа и конкретни чекори во подобрување и на теоретската и практичната настава на факултетот, туку ќе претставува искуство повеќе и за МВР преку размена на идеи со младите, кои се иднината на Република Македонија. Во рамки на меморандумот ќе се организираат заеднички научни конференции, работилници, ќе се користат заеднички ресурси, ќе се обучуваат кадри, а најважно е, потенцираат, што ќе се унапреди практичната работа на студентите.

Јанкулоска во рамки на предавањето што денеска го одржа пред студентите на тема „Тероризмот како глобална закана и позицијата на Република Македонија во меѓународната коалиција за мир“ потенцира дека денес ниту една држава не може да биде имуна од заканите на терористичкото дејствување, вклучително и Република Македонија.

Во изминативе години Владата на Република Македонија, и пред се Mинистерството за внатрешни, нагласи Јанкулоска, силно и посветено ја демонстрираше својата решителност во бескомпромисната борба против тероризмот.

- Инвестирањето во квалитативното подобрување на организациските, законските и техничките капацитети за справување со овој вид закани е само дел од напорите кои ги вложувавме во таа насока. Истовремено, ниту за малку незаостанувајќи во активното меѓународно партнерство и соработка во глобалната коалиција против тероризмот, за што впрочем постојано добиваме признанија од нашите партнери од ЕУ и НАТО, рече министерката за внатрешни работи.

Република Македонија од поодамна, не само во рамки на нашето активно учествоо во меѓународните односи, како и нормативното верификување и имплементирање на меѓународните легислативни стандарди од оваа област на безбедноста, подвлече таа, туку и на внатрешен план, презеде низа структурни реформи со цел наше системско и институционално прилагодување кон потребите, капацитетите и интересите за зачувување и заштита на националната безбедност од предизвиците на тероризмот.

Врз основа на Националната концепција за одбрана и безбедност, Владата на Република Македонија изготви и Национална стратегија на Република Македонија за борба против тероризмот 2011-2015 година, како документ во кои што се дадени јасни насоки за натамошно институционално организирање и дејствување, при што прецизно се дефинирани, како целите, така и облиците на терористички закани, мерките за сузбивање на тероризмот, материјалните ресурси, носителите на стратегијата и динамиката за нејзино имплементирање.

- Во Националната стратегија недвосмислено се акцентира дека Република Македонија ја демонстрира својата цврста определба за борба против тероризмот на национално, регионално и глобално ниво со цел заштита на демократските вредности утврдени со Уставот на РМ, овозможувајќи им на своите граѓани да живеат во слободна, безбедна и правна држава. Се разбира, фокусот на севкупното делување треба да биде свртен кон превентивните активности за елеминирање на сите потенцијални опасности од појава на тероризмот и натамошна ескалација на последиците од него, истакна Јанкулоска.

Националната стратегија, тргнувајќи од факторите клучни за севкупното општествено функционирање, ги идентификува облиците, но и можностите на манифестирање на терористичките закани. Притоа, таксативно посочувајќи ги: радикализацијата, регрутирањето и поттикнувањето активности кои се во функција на тероризмот, идеолошката и воената обука, потоа финансирањето на тероризмот и реализацијата на терористички закани – како облици на терористичка закана. Стратегијата го нотира и нивното манифестирање како: напад на објекти и лица од национален интерес; напад со предизвикување голем број жртви; напад на институции и објекти од значење за одбраната, безбедноста, политичките и економските интереси на државата, со што би се предизвикало ширење страв и несигурност меѓу населението.

Република Македонија како земја кандидат за членство во ЕУ и НАТО, потсети министерката, и уште поважно - суштински многу конкретен партнер во НАТО, дури повеќе и од многу земји членки на оваа евро-атланска организација, практично го сноси ризикот за потенцијален таргет на евентуални терористички акти.

Таа посочи дека Националната стретигија многу подетално ги насочува активностите во делот посветен на „мерките за сузбивање на тероризмот“ делејќи ги на превенција, одбрана, заштита на граѓаните и имотот, како и процесуирање и координација.

- Нема да биде претерување ако кажеме дека тероризмот во моментов претставува еден од најголемите антагонизми во процесот на глобалистичката општествено-цивилизациска транзиција, рече Јанкулоска. 

Говорејќи од безбедносен аспект, укажа министерката, согледувањата и анализите покажуваат дека терористичките групи денес се повеќе ги карактеризира факторот на изненадување, особено по примарната цел – државата или системот. Дополнителниот елемент што ја усложнува состојбата во контекст на безбедноста е што предмалку споменатата интернационализација на тероризмот овозможува и негова соодветна динамичност и прилагодливост не само кон и во различните држави и околности, туку и во поглед на самото спроведување на терористичките акти.

- Мора да се признае дека димензијата на глобалната безбедност како никогаш порано, во актуелниот момент, со право е високо позиционирана во рамките на меѓународните односи. Република Македонија, пак, зазема свое значајно место, не само поради тоа што ние ги имаме ратификувано сите битни меѓународно донесени норми од посочената проблематика, туку и поради ноторниот факт што ние со години наназад сме активни и учинковити партиципиенти во сите важни меѓународни активности на тој план, појасни таа.

Министерката за внатрешни работи акцентираше и некои важни елементи во контекст на националната безбедност.

- Вооружената група која се стационираше во Бродец, но и грозоморниот масакр кај Смилковското езеро ни го презентираа одблиску грдото лице на тероризмот во нашиот двор. Со акциите „Планинска бура“ и „Монструм“ покажавме дека можеме соодветно да одговориме во ситуација кога сме нападнати. Ние ниту смееме, ниту сакаме да отстапиме од одбраната на демократските вредности утврдени со Уставот на Македонија и затоа сметам дека ваквите расправи и анализите на тероризмот на академско ниво ќе ни обезбедат подобро разбирање на феноменот, поголема ефикасност во борбата со него, со што ќе им  овозможиме на нашите граѓани да живеат во слободна, безбедна и правна држава, беше децидна министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.