Коморите со поддршка за економската дипломатија
Стопанските комори во Македонија се задоволни од зголемените активности на дипломатијата во делот на економската промоција на земјата, бидејќи тоа ќе овозможи и поорганизиран настап на компаниите на нови пазари што ќе им ги намали трошоците и ќе ги направи поконкурентни, а ќе добијат и на кредибилност.
Ова е оценката на претседателите на стопанските комори во Република Македонија по средбата со министерот за надворешни работи Никола Попоски.
Попоски, рече дека клучни цели во делот на економските активности на МНР кои се одвиваат во соработка со Агенцијата за привлкеување странски инвестиции и поддршка на извозот се промоција на саеми и одржување на бизнис форуми, истражување на нови пазари како Латинска Америка, Африка и Блискиот исток, кои се високорастечки, и ставање на располагање на дипломатските претставништа за потребите на домашните фирми и поврзување со релевантни локални партнери.
Во тој контекст, додаде, станало збор и за новите-дипломатско конзуларни претставништва, кои се отворени минатиот период и од кои очекуваат поголема економска активност, но и нивна поголема комуникација со сите стопански субјекти во Македонија.
- Тука очекуваме поголема поддршка и од стопанските комори во Македонија од кои очекуваме да ни помогнат на кој сектор да се посветиме и на кое географско подрачје да се ориентираме во следниот период, рече министерот Попоски.
На новинарско прашање што е досега постигнато, Попоски посочи дека навистина се активни во делот на промоцијата на Република Македонија надвор, било преку роудшоуата, презентациите и бизнис форумите кои се организирани и тоа со зголемена динамика во последните години.
- Она што го имаме направено како промена во МНР во последниот период е дипломатите кои ги упатуваме надвор да бидат со засилен економски профил, оценувањето кое го правиме редовно да биде фокусирано на економските активности, односно секој наш диплоат надвор и секое наше ДКП е редовно оценувано за интензитетот и резултатите во делот на економската промоција, инвеститори, извоз и туризам кои ги прави во својата земја и зависно од тоа преземаме мерки на позитивна и негативна стимулација - таму каде има високи резултати да наградите, таму каде што има помалку резултати да се обидеме да поттикнеме подобри резултати и тоа е нешто што го правиме на систематски начин повеќе од година дена, вели Попосоки додавајќи дека тоа веќе дава резултати.
Дополнителен стимул, додава е и што се назначуваат почесни конзули кои се исклучително од економски профил и кои исто така се следат од аспект на активностите.
Златко Калеников од ССК, истакна дека вклучувањето на дипломатите во економската промоција на земјата е добро за фирмите бидејќи дава тежина на целата активност, а најважно за нив, рече е повратната информација од роуд шоуата и бизнис форумите.
- Се донесе заклучок дека ќе се направи дата база на податоци со што навремено ќе се информираме за најавените роудшоуа и други настани во странски земји. Економските промотори најверојатно ќе треба да внесуваат податоци по настаните кои фирми биле заинтересирани, за што биле заинтересирани за да можеме да имаме преглед на податоци каде што ќе може сите ние во одредено време без да се обраќаме со меилови или писма до министерствата, да може да имаме увид и контакти за заинтересирани за нашите работи, рече Калеников.
Во делот на визната политика, која стопантвениците ја дефинираат како еден од проблемите, Попоски рече дека имаат слух за ова прашање и затоа, вели, сакаат да го олеснат пристапот до РМ за лицата од трети земји, но со почитување на обврските на Македонија како земја која ужива либерален визен режим со Шенген - земјите. Една од тие мерки, рече е, можност за аплицирање за визи во други ДКП-а, а не само во земјата од каде доаѓаат.
Антони Пешев од Стопанската комора на Македонија, посочи дека во контекстот на олеснување на процедурата, коморите предложиле да посредуваат во делот за издавање визи на странски бизнисмени со дефинирање на кредибилитетот на партнерите со кои компаниите работат во Македонија, за да му ја олесанат проценката на Министерството во однос на релевантноста на тие бизнис-субјекти.