Пуштен во употреба патот М6 до езерото Мантово

Претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Љупчо Георгиевски и градоначалникот на општина Штип Илчо Захариев денеска го пуштија во употреба новиот пат од клучката кај Неготино од 20-от километар до езерото Мантово.

Изградбата на овој пат, како што истакна Груевски, години наназад е главно барање на Штип и Конче, со цел овие две општини да се поврзат.

- Издвоивме околу 23,6 милиони денари и патот во должина од околу 4,5 километри денес е асфалтиран и функционален. Првпат во својата историја лакавичкиот регион има асфалтиран и нормален пат, како што личи и каков што заслужуваат граѓаните. Позитивните ефекти од патот луѓето веќе ги осетија. Комуникацијата е многу подобра, безбедноста во сообраќајот е многу поголема, можноста за оштетување на возилата е сведена на минимум. Жителите на општина Конче кои патуваат кон Штип и Скопје преку овој пат скратуваат околу 25 километри, нагласи Груевски.

Новиот пат, според него, значи нови можности за развој и заживување на селата, развој на земјоделството и сточарството, враќање на младите и подобрување на условите за живот во руралните делови.

Тој истакна дека до крајот на 2013 година Владата и ЈП за државни патишта ќе изградат 134 километри регионални и магистрални патишта, а нивната вредност е околу 1.085 милијарда денари.

Директорот на ЈП за Државни патишта Георгиевски информира дека вредноста на изградените локални патишта во земјава е 13,5 милиони евра.

- Со владините активности за помагање на сите општини за изградба на локалната патна мрежа, од 2009 до крајот на оваа 2013 година ќе бидат изградени 590 километри локални патишта во вредност од околу 45,5 милиони евра. Ваквата поддршка продолжува и во 2014 и 2015 година кога ќе бидат изградени уште 100 локални патишта со должина од околу 200 километри и инвестиција од 20 милиони евра, нагласи Георгиевски.

Со цел да се подобри состојбата на локалните патишта на општина Штип и беа распределени 1.364 милион евра од заемот кој Владата го зема од Светска банка и Европската банка за обнова и развој.

- Од овие средства досега се завршени локалниот пат за село Шашаварлија со должина од 5,65 километри, локален пат М6 -Мантово со должина од 4,5 километри, локален пат Штип – село Љуботен со крак 1 и 2 со должина од 1,83 километри, рече Георгиевски.

До крајот на 2013 и почетокот на 2014 година, очекува да се заврши локалниот пат за штипското село Сарчиево со должина од 1,7 километри, а преостанатите неискористени средства кои изнесуваат 200 илјади евра ќе бидат наменети за локалниот пат до селото Пухче во должина од 4,5 километри. Градбата би се реализирала во втората половина на 2014 година.

- ЈП за државни патишта веќе има порачано проект за нов магистрален пат од Штип до Радовиш со должина од 30 километри и широчина од 11,5 метри. За овој проект се обезбедени 116 милиони денари буџетски средства. Крајниот рок за завршување на проектот е август 2014 година, по што би се отпочнале активности за изградба. Веќе е отпочнато со реализација на осветлување на клучката Штип каде што ќе се постават 130 канделабри, а рокот на завршување е крајот на јануари 2014 година, истакна Георгиевски, нагласувајќи дека во почетокот на идната година ќе се отпочне со градба на автопатот Скопје – Миладиновци – Свети Николе – Штип во должина од 47 километри.

Градоначалникот на Штип Илчо Захариев рече дека со пуштањето на локалниот пат М6 – Мантово почнува заживувањето на овој регион, а на граѓаните им се овозможува комуникација и пристап до најблиското езеро.

Захариев вели дека во Лакавичкиот регион ќе следат низа инвестиции со цел повторно да заживее, но и оние што се иселиле од селата повторно да се вратат во нив и да почнат со обработка на земјиштето.