Во Битола промовирана обновената Спомен-соба на Мустафа Кемал Ататурк

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и турскиот вицепремиер Емруллах Ишлер, во придружба на претседателот на агенцијата ТИКА, Сердар Чам и градоначалникот Владимир Талески, денеска во НУ Завод и Музеј-Битола ја промовираа обновената Спомен-соба на Мустафа Кемал Ататурк-таткото на модерна Турција.

Според вицепремиерот Ишлер, проектот посветен на Мустафа Кемал Ататурк во Битола го отсликува големото македонско-турско пријателство и меѓусебно почитување.

- Во изминативе години во рамките на Спомен-собата на Мустафа Кемал Ататурк беа направени неколку реконструкции, но со овој проект сега овој дел е целосно комплетиран и обновен. Со новиот лик, зградата и новата Спомен-соба на Ататурк доби изглед каков што тој заслужува, а се надевам дека и за градот Битола ќе биде аирлија оваа новина. Ова дело го отсликува турското и македонското пријателство, истакна вицепремиерот Ишлер на свеченоста во некогашната Воена Идадија во Битола.

Големата и искрена соработка меѓу Република Македонија и Република Турција наскоро ќе биде потврдена и со уште еден проект, односно отворање на културно-информативни центри на двете држави во Скопје и Истанбул, најави министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска за време на денешниот престој во Битола.

- Овој објект е значаен Споменик на културата, а инвестицијата поврзана со реконтрукцијата на Спомен собата на Кемал Атаурк опфати и уредување на влезната партија на самиот објект и надворешниот дел на фасадата. На овој начин ќе се овозможи поголема туристичка промоција и посетеност од страна на туристите кои ќе имаат можност да ја погледнат поставката што го отсликува ликот и делото на Кемал Ататурк. Република Македонија и Република Турција имаат многу добри и пријателски односи и се надевам дека со отворањето на културните центри, односно на турскиот културен центар во објектот на Куршумли-Ан во Скопје и на македонскиот културен центар во срцето на Истанбул на Таксим, ќе се отворат можности за продлабочена културна соработка и размена на проекти од сите дејности на културата, нагласи министерката Канческа-Милевска.

Реконструкцијата на Спомен-собата на Мустафа Кемал Ататурк и другите зафати во НУ Завод и Музеј-Битола беа изведени и финансиски поддржани од македонското Министерство за култура и канцеларијата на ТИКА во Македонија.