Нова инвестиција во Кочани, 1.500 вработувања
Американската корпорација „Амфенол“ е новиот странски инвеститор во Македонија кој ќе вложи во првата фаза шест милиони евра и ќе вработи 1.500 лица во првите пет години. Фабриката, кoja e „Браун филд“ инвестиција, ќе биде лоцирана во посточкиот „Атом“ во Кочани.
Инвестицијата ја објавија денеска премиерот Никола Груевски и потпретседателот на американската корпорација „Амфенол“ и генерален директор на автомобилската групација при корпорацијата Џон Тренор.
Корпорацијата има веќе ангажирано 70 лица за производство на автомобилски делови. Годинава се планира да бидат вработени 250 до 350 лица.
Премиерот Груевски денеска директно од Тренор беше запознат со инвестициските активности, плановите, за акцискиот план и одлуката за отворање нови производствени погони и нови работни места.
- Во разговорот дознав дека се задоволни од она што Македонија го нуди, она што беше претходно ветувано целосно се исполнува, имаат добра бизнис клима и немаше ниту една забелешка во овие неколку месеци во нивните почетоци, изјави Груевски, додавајќи оти планираат да ги прошират капацитетите на две производствнеи линии на 16 илјади метри квадратни.
Премиерот Груевски појасни дека корпорација „Амфенол“ отпочна со производство на конектори и кабли, а токму од Македонија ќе се врши извоз и снабдување на европскиот пазар, а сето тоа е резултат од владините роуд шоуа. Во моментот, истакна, „Амфенол“ е светски лидер во производство на интерконекциски производи наменети за автомобилската индустрија, но и за железница, комуникациска опрема за мобилна телефонија, авионска индустрија, електроника и индустриски апликации.
Тренор, потпретседател на Корпорацијата, нагласи дека одлуката за инвестирање во Македонија е донесена врз основа на големиот број можности што ги нуди земјава, добрата квалификувана работна сила, поддршката од Агенцијата за странски инвестиции и другите надлежни институции, но најмногу врз основа на погодната бизнис клима.
- Тука се се случува навистина брзо, нема пречки, а ако се појават веднаш се отстрануваат. Се надевам дека во иднина ќе можеме да објавиме последователни инвестиции, рече Тренор.
Тој информира дека во моментот во фабриката се произведуваат кабли кои се користат во безбедносните делови во автомобилите. Ќе се произведуваат антенски апликации за телеком клиентите, но засега фокусот е на автомобилските активности.