Нова лабораторија за оптички комуникации на ФЕИТ
Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје денеска доби нова лабораторија за оптички комуникации вредна 250.000 евра.
Лабораторијата е дел од владиниот проект „Програма за опремување на лабораториите на државните високообразовни установи и јавни научни установи“.
- Новата лабораторија е од делот на телекомуникациите која што има способност да го мери капацитетот на оптичките кабли и каков е квалитетот на преносот. Оваа лабораторија, освен што ќе се користи за стуидентите, ќе се користи и за изработка на магистерски, докторски и други научни трудови, истакна премиерот Никола Груевски на денешната промоција на лабораторијата.
Посочи дека Факултетот и Универзитетот веќе почнале да ја користат и во апликативната дејност, односно во делот на соработка со бизнис заедницата, каде нивни партнери се Агенцијата за електронски коминикации и Македонскиот телеком.
Според него, лабораторијата ќе ја користат и компании кои што произведуваат интернет мрежи и кабелски телевизии, како и други компании кои се занимаваат со пренос на сигнал преку оптички кабли.
- Она што со години беше запоставувано, а тоа е набавката на лаборатории за универзитетите, но и за бизнис секторот, веќе е значително зајакната. Она што го направивме е набавка на 80 лаборатории за кои што се инвестирани над 26 милиони евра за потребите на македонските универзитети. Карактеристична е проценката на експертите дека најголем дел од овие лаборатории, доколку добро се менаџираат, се исплаќаат за три до пет години, потенцира Груевски.
Со овие лаборатории, како што напомена, бизнис секторот ќе заштеди средства во добивањето меѓународен сертификат за квалитет, кој до сега го добиваа за многу повисока цена во други држави.
Лабораторијата е опремена со платформа за тестирање на оптички линкови EXFO FTB-500 која содржи дополнителни модули OSA, PMD и CD, оптички рефлектометар EXFO FTB-1 за испитување на квалитетот на оптички линкови и лоцирање на грешки и оштетување на оптичкото влакно, SUMITOMO T-39LC Splicer кој служи за поправка и поврзување на прекинати оптички влакна и извор на оптички влакна и оптички атенуатот.