Груевски: Австрија и понатаму ќе биде поддржувач на Македонија
Македонија и Австрија имаат одлични релации и соработка, без отворени прашања. Австрија и понатаму ќе биде поддржувач на Република Македонија, истакна премиерот Никола Груевски по средбата со австрискиот канцелар Вернер Фајман, што се одржа денеска во Виена.
На средбата, премиерот Никола Груевски го информира својот колега за последните настани во Македонија поврзани со, како што рече, нашиот главен проблем што го отвори нашиот јужен сосед.
- Разговаравме околу тие детали и се надевам дека во иднина со наши продолжени напори и со напори на меѓународата заедница, но и на нашиот јужен сосед ќе се најде начин да се разреши прашањето поврзано со проблемот, рече Груевски.
Она на што се фокусирав, додаде, беше да продолжи поддршката што Австрија и ја дава на Република Македонија.
- Таа поддршка се изразува во сите сфери. На сите позначајни настани, особено во ЕУ, Австрија е еден од гласноговорниците во корист на Македонија и ние тоа длабоко го цениме, истакна премиерот Груевски.
Тој оцени дека со Фајман имале корисен разговор, притоа посочувајќи дека зборувале и за напредокот на Македонија во повеќе области, пред се во делот на економијата, реформите што се направени во однос на подобрување на бизнис климата, во однос на правосудниот систем, во делот на медиумите за кои, како што рече, во минатото бевме критикувани, во делот на администарцијата... – Така, тој доби комплетна слика околу тоа како и во кој правец се движи Република Македонија, рече Груевски.
Двајцата премиери разговараа и за економската соработка, при што било истакнато дека Австрија е сериозен трговски партнер, втор инвеститор во Македонија минатата година, како и тоа дека компаниите се главно задоволни од работењето во Македонија.
– Тоа е случај не само со австриските, туку речиси со сите компании, така што од тој аспект нема прашања кои треба да ги отвораме, рече Груевски, додавајќи дека со Фајман досега се среќавал неколку пати и изразувајќи задоволство што и денеска имал можност да поразговара со него за сите работи поврзани за двете држави.
За време на работната посета на Австрија, на бизнис форум пред поголем број австриски инвеститори, премиерот Никола Груевски ќе ги презентира можностите за инвестирање во Македонија.