Либерализирана регистрацијата на национални домени
Граѓаните ќе може да регистрираат национален домен.mk електронски од кој било компјутер, со добивање на услугата од осум компании-регистрари. Досега Македонската академска истражувачка мрежа МАРНЕТ беше единствен субјект на пазарот преку кој можеше да се регистрира доменот.мк.
- Со либерализацијата граѓаните повеќе немаат потреба и не можат да се обратат до МАРНЕТ за регистрирање домени, односно тоа ќе го добиваат само од овластените регистрари од страна на МАРНЕТ, рече денеска на прес-конференција министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски.
Либерализацијата, нагласи, ќе понуди конкурентни цени. - Пазарот ќе си го направи своето. Услугата што ја плаќаат сите кон МАРНЕТ е една иста и фиксна, но тоа не значи дека нема простор тие да ја намалат за да понудат друга додадена вредност во пакет. Во нефоралните разговори дел од нив тоа го презентираа како бизнис модел за привлекување на граѓаните за да реализраат за нив други проекти, наведе Ивановски.
Компании регистрари на домени поврзани со МАРНЕТ се „Вертувио“, „Ултранет“, „МК кост“, „Некст ЕМ“, „Тим корпошрејшн“, „Процес ин“, „Марксум регистри“ и „Веб глобал итц“, а се присутни со канцеларии во Скопје, Кавадарци, Велес и Куманово. Ивановски апелира и останатите заинтересирани регистрари да се поврзат на мрежата на МАРНЕТ и да аплицираат за нудење услуги со електронско регистрирање национални домени.
Во Македонија моментно се регистрирани над 36.000 национални домени, а новите субјекти на пазарот очекуваат либерализацијата да овозможи нивно значително зголемување.
Владислав Бадиков, претставник на Некст ЕМ, оцени дека ќе се овозможи нудење комплетни услуги. - Сега сме во позиција клиентите да добијат целосна услуга покрај хостинг, веб дизајн и други слични услуги. Клиентот ќе дојде ќе може да му понудиме целосна услуга, а процесот се поедноставува со интернетот затоа што иако компаниите се стационирани во неки градови нашите услуги ќе бидат достапни од каде било онлајн. Ова е само почеток на еден процес кој ќе предизвика зналително зголемување на свесноста на граѓаните и компаниите за потребата од онлајн присуство, со што ќе се придонесе бројот на домени да се зголеми драстично во наредните години, рече Бадиков.
Според директорот на МАРНЕТ Сашо Димитриески, за процесот на либерализација била потребна имплементација на комплетно нов систем за поврзување со компаниите регистрари за да се одвива процесот автоматски.
- Овој процес почна пред 1,5 година. Со заеднички напори со компаниите работевме на надминување на сите технички проблеми и денес можам да кажам дека тој систем е комплетно функционален и успешно се поврзавме со сите компании. Апелираме до сите регистранти да се обраќаат кај регистрарите и сите натамошни услуги за регистрирање домени да ги бараат од нив, истакна Димитриески.