Во Торонто, министерот Наумоф ги претстави бизнис поволностите во Македонија
Министерот за странски инвестиции Џери Наумоф за време на неговата посета на Торонто, Канада, беше главен говорник на Форумот „Инвестициски можности за бизнис во Југоисточна Европа“, организиран од Советот на НАТО на Канада.
Пред 60-тина претставници на бизнис заедницата од Торонто, тој ја претстави бизнис климата во Македонија и предностите за инвестирање и проширување на нивните активности во нашата земја. Највисоките менаџери на компании кои присуствувале на форумот, соопшти денеска кабинетот на министерот Наумоф, биле заинтересирани за достапноста на квалификувана работна сила, како и поволната бизнис клима во комбинација со предностите на даночниот систем. Претставниците на компании кои присуствувале на Форумот, од секторите за автомобилска индустрија, енергетика и минерални ресурси, изразиле интерес да ја посетат Македонија.
Министерот Наумоф се сретнал и со сенаторот Хју Сегал, претседавач на Советот на НАТО на Канада и со Џули Линдхул, претседател на Советот на НАТО на Канада, при што ги договориле првичнiте аранжмани за посета на бизнис делегации од Канада и Македонија.
За време на посетата на Торонто, министерот Наумоф остварил средби со неколку компании од различни сектори за производство, како и со претставници на компании од градежната, прехранбената и филмската индустрија кои веќе имаат интерес за инвестирање во Македонија.
Во организација на Џон Битов, еден од најуспешните македонски бизнисмени во Канада и светот, на работен ручек со реномирани бизнисмени, министерот Наумоф детално информирал за можностите за инвестирање во Македонија. По таа средба, угледни бизнисмени, воспоставиле контакти со менаџерите на компании, потенцијални инвеститори во македонското стопанство.
Министерот Наумоф на средбата со Реза Мориди, министер за истражување и иновации, на најголемата индустриска канадска провинција Онтарио, договорил посета на делегација на угледни бизнисмени од тоа подрачје.