Децата треба да се вакцинираат, децидни се лекарите
Децата треба да се вакцинираат, сите до едно, е ставот на лекарите. Небулози и кардинални бесмислици се, велат, информациите на интернет страниците и социјалните мрежи за наводните несакани последици од имунизацијата. Ако родителите ги следат, само ќе се исплашат и ќе бидат доведени во заблуда.
- Во Македонија, откако вакцинираме до денес, нема потешка несакана реакција освен вообичаените, прикажани во упатството како очекувани, висока температура, болка на место на оток, ретки случаи со конвулзии, еден до два годишно, изјави д-р Јованка Костовска, национален координатор за имунизација на РМ во Светската здравствена организација (СЗО), по денешното советување на Медицинскиот факултет.
Експертите се децидни дека вакцините немаат никаква поврзаност со аутизмот, дијабетот, малигните заболувања,..., зашто сите состојки во нив се во форми кои воопшто не му сметаат на здравјето на децата. И вакцините со жива не се опасни бидејќи овој елемент се елиминира од организмот за три до четири часа и не прави никаква штета.
- Официјалните информации за влијанието на имунизацијата врз децататреба да се бараат од меѓународните агенции, СЗО, Центарот за заразни болести во Европа, Атлантна центарот за заразни болести во САД,... Треба да се слушаат и советите на здравствените работници како најкомпетентни да одговорат на овие прашања, напомена Костовска.
Според претседателот на Лекарската комора проф. д-р Кочо Чакаларовски, не смее да се бега од вакцинацијата, а медиумите прават од конец, ортома.
- Вреди ли да умрат 1.000 луѓе од бронхопнеумонија зашто 0,001 отсто ќе добиеле енцефалит? Воопшто, ова прашање е многу смешно. Најодговорно тврдам, никако бегање од вакцинацијата. Тоа значи заштита на населението од болести кои се искоренети токму благодарение на вакцинацијата. Ако ја укинете, ќе се вратат, ќе создадете опасна маса луже која може да биде жртва на увозна епидемија, посочи Чакаларовски.
Министерот за здрваство Никола Тодоров го искажа својот став од аспект на родител бидејќи, како што рече, не е стручен да кажува каков е ефектот на вакцинацијата.
- Јас сум родител и моите деца ги имам вакцинирано. И јас сум вакциниран. Не гледам зошто и децата на моите деца не треба да бидат вакцинирани, нагласи Тодоров.
Тој го оцени како погрешен чекорот на групата родители кои од Уставниот суд бараат да се укине задолжителната вакцинацијата кај децата.
- Вакви погрешни чекори може сериозно да влијаат на намалување на колективниот имунитет во државата и на појава на болести кои се веќе искоренети. Тоа не смееме да го дозволиме од повеќе причини, најмалку поради финансиските трошоци, а највеќе од аспект на заштита на човечкиот живот, потенцира Тодоров.
Во Македонија првата вакцина е ставена во 1948 година. Опфатот на имунизација денес е 95 проценти што, според Тодоров, е завидно ниво, многу повисоко од нивото во некои развиени земји кои секојдневно се борат да го зголемат.
- Македонија има добро поставен, одлично организиран систем за имунизација кој не смее да се уништи со ниту една активност или каков било чекор. Треба да останеме на задолжителниот принцип за имунизација, да продолжи да функционира како што е поставен, подвлече министерот.
Тој најави дека поливалентните вакцини ќе се воведат од оваа година.
За набавката на вакцините, дообјасни д-р Костовска, одлучува тим експерти. Вакцините мора да се квалитетни и безбедни. Не се гледа дали цената е повисока или пониска, туку се ценат предусловите, вакцината да е од реномиран производител, проверен од светска здравствена организација, да е регистрирана во Македонија или во ЕУ, да се употребува кај децата во земјата од каде што е производителот, да има посебни сертификати. При прием, исто така, се води сметка како се вакцините чувани и транспортирани.