Груевски: Македонија ќе навива за вас

Успех и шампионска титула им посака на ракометарките на клубот „Вардар“ премиерот Никола Груевски,  кој денеска присуствуваше на нивниот последен тренинг пред заминување во Будимпешта каде ќе учествуваат на завршниот турнир на Лигата на шампионите.

Според премиерот Груевски, успех за македонскиот женски ракомет е и самиот  пласман во фајнл форот.

- Ви поскаувам многу успех, многу сила да имате. Психички да сте силни, физички издржаливи и со голема волја и со голема борба сигурен сум дека ќе успеете. Но сметајте дека и ова  голем успех што сте меѓу четирите најдобри екипи. За нас овде во Македонија вие сте веќе успешни, рече Груевски кој од капитенот на „Вардарки“ Ина Сусмина доби на подарок дрес и други сувенири од тимот. 

Тренерот на клубот Индира Кастратовиќ информира дека подготовките се одвивале во најдобар ред и оти сите девојки се здрави, без повредени, што е најбитно за тимот.

- Физички се подготвивме за завршниот шлаг на тортата. Се надеваме кога ќе се вратиме да поминеме низ Триумфалната капија,  рече Кастратовиќ.

Таа ја издвои екипата на Ѓер како фаворит на турнирот затоа што се и домаќини на фајн форот.

Првиот натпревар девојките го играат против црногорската екипа „Будуќност“, и доколку победат одат во финалето.

Оптимист за исходот од турнирот во Будимпешта е и Гордана Нацева, претседател на клубот, која изрази увереување дека женската екипа е подготвена да ја круниса сезонава со шампионска титула.

- Спортски е  да се надеваме. Мислам дека имаме реални шанси, сепак во вакви тешки натпревари одлучува индивидуалната, пред се психичката подготвеност на натпреварувачите. Ако играме финале, се надевам дека нема да подлегнеме на притисокот од публиката, бидејќи ќе не следат 10.000 Унгарци. Но, во спортот, посебно во врниот, се се сведува на моменталната инспирација и мотивација затоа што сите екипи се прилично добро подготвени. Се знаеме меѓу себе, доста добро, рече Нацева.

Таа се заблагодари на сопственикот на тимот, на Агенцијата за млади и спорт и на премиерот за поддршката.

Годинава ЕХФ прв пат во историјата организра „фајнл фор“ во женскиот ракомет.