Ѓорѓиев: Институциите во мобилна состојба по најавата за нови дождови
Состојбата е стабилна по синоќешното невреме во Скопје, но надлежните институции во следните 48 часа, врз основа на заклучокот на Владата, ќе бидат во состојба на мобилност и готовност имајќи ги предвид информациите за нови врнежи од дожд во Скопскиот регион, во Повардарието, Северозападна и Југозападна Македонија.
- Во насока на понатамошно постапување во врска со информациите од УХМР дека се очекуваат врнежи во скопскиот регион, во регионот на Поварадарието, северозападна и југозападна Македонија, Владата донесе заклучок со којшто сите државни институции и локалните институции, на ниво на препорака, се обврзани во следните 48 часа да бидат во состојба на мобилност, на готовност на своите тимови, особено на јавните комунални претпријатија „Водовод и канализација“, „Комунална хигиена“, противпожарните единици со задача доколку се појави потреба итно да интервенираат на критичните точки коишто се веќе лоцирани и да придонесат во намалување на ефектите на евентуалните врнежи коишто се очекуваат во текот на денот, изјави портпаролот на Владата Александар Ѓеоргиев.
Сите државни институции треба да формираат дежурни тимови кои ќе ја надгледуваат состојбата во нивната институција и ќе алармираат за потенцијални предизвици.
На седницата во Владата, Министерството за здравство информирало дека неговите тимови се во состојба на готовност, дејствуваат, има препораки за санирање на последиците од невремето до населението и до институциите.
- Центрите за социјална работа при Министерството за труд и социјала се веќе на терен, ги попишуваат потребите на ранливите категории на населението коишто беа загрозени од овие природни непогоди, а Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи се во состојба на готовност за реакција на претстојните предизвици или, пак, санирање на оние последици коишто беа, рече Ѓеорѓиев.
Исто така Владата донела заклучок комисиите за проценка на штети да излезат итно на терен и да ја скенираат и проценат состојбата на терен.