Вицeпремиерот Пешевски се сретна со делегација на ЦЕФА
Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски денеска се сретна со делегација на Централно – европската саемска алијанса (ЦЕФА), предводена од претседавачот на Виенскиот саем, Матијас Лимбек.
На средбата се дискутирало за можностите кои произлегуваат од соработката со оваа мрежа на организатори на саемски манифестации, за воспоставување интензивни деловни контакти помеѓу членките.
- Овој вид на интернационални претставувања ќе придонесат за подобрување на економската соработка со нашата земја, зголемување на трговската размена и отворање нови пазари за домашните компании, соопшти по средбата Кабинетот на вицепремиерот за економски прашања.
Вицепремиерот Пешевски ја потенцирал поддршката од македонската Влада за континуираната работа и посветеност за вмрежување со саемските организации од светот, нагласувајќи ја важноста на ваквата успешна соработка за нашата земја при изнаоѓањето нови решенија, можности и потенцијали, за промоција и достојно претставување на Република Македонија на глобално ниво.
Пешевски посочил дека успешната соработка на Скопскиот саем со останатите саемски организации претставува голем бенефит за македонските компании, овозможувајќи поволни услови за организирано претставување на компаниите на саемите во организација на членките на ЦЕФА.
Генералното собрание на ЦЕФА се одржа денеска во Конгресниот центар на Скопскиот саем, во организација на ЕРА ГРОУП, каде присуствуваа 14 високи претставници од саемските организации од Централна и Југоисточна Европа.