Премиерот Груевски се сретна со британските парламентарци Доел и Ламли
Претседателот на Владата на Република Македонија г-дин Никола Груевски, денеска (среда, 25.06.2014 година) оствари средба со парламентарците од Велика Британија, г-ѓа Гема Доел и г-ѓа Карен Ламли.
На средбата се разговараше за повеќе актуелни теми и прашања за кои соговорниците разменија мислења.
Премиерот Груевски ги запозна соговорниците со реформите и мерките кои се преземаат и имплементираат во насока на исполнување на критериумите за влез во НАТО и отпочнување на преговори со ЕУ, како и мерките кои се во функција на подобрување на стандардот на граѓаните.
Истовремено, премиерот Груевски потенцираше дека за Република Македонија е од значење добивањето на поддршка од Обединетото Кралство во остварувањето на стратешките цели, при што изрази благодарност за досегашните заложби со очекување дека во периодот што претстои таквата поддршка ќе биде интензивирана.
Премиерот Груевски го изрази задоволството од развојот на односите со Велика Британија, како на политичко, така и на економско ниво, што може да се забележи со повеќе инвестиции кои доаѓаат токму од Велика Британија. Тој посочи дека тоа е добра основа за дополнително интензивирање на економската соработка преку искористување на расположливите потенцијали, на што активно како Влада се работи, за што потврда се и неколкуте економски посети на Обединетото Кралство кои ги остварија владини делегации.
На состанокот се разговараше и за актуелни теми, прашања и предизвици од повеќе сфери, при што беа разменети мислења и согледувања за начините за нивно надминување, за што премиерот Груевски искажа отвореност и волја да се разговара и да се унапредат процесите.