Македонија и Србија со взаемно признавање на возачките дозволи
Министрите за внатрешни работи на Србија и на Македонија, Небојша Стефановиќ и Гордана Јанкулоска денеска во Белград потпишаа Спогодба за взаемно признавање на возачките дозволи на граѓаните од двете земји.
- Оваа спогодба ќе им овозможи на граѓаните да преминуваат од една во друга земја без посебни процедури, изјавил министерот Стефановиќ на прес-конференцијата по средбата со македонската министерка Јанкулоска во палатата „Србија“, објави агенцијата Танјуг.
Тој прецизирал дека спогодбата треба да биде ратификувана во српскиот Парламент за да може да стапи во сила и изразил очекување дека тоа ќе се случи многу бргу.
Стефановиќ оценил дека полициите на Србија и на Македонија имаат многу добра соработка и оти постои интензивна контрола за сузбивање на илегалната миграција и трговија со наркотици.
Според министерката Јанкулоска денеска потпишаната спогодба има конкретно значење за граѓание на двете земји, осоебно затоа што многу српски државјани транзитираат низ Македонија на пат кон туристичките дестинации.
Јанкулоска нагласила дека соработката меѓу двете полиции претставува пример за одлична регионална соработка и посочила дека има многу полиња за кои е неопходна таквата соработка имајќи ги предвид предизвиците поврзани со различните видови криминалитет во регионот.