„Монтанте груп“ ќе инвестира 10 милиони евра во фабрика во Бунарџик, најавени 100 работни места
Италијанската мултинационална компанија „Монтанте груп“ есенва ќе започне градба на фабрика во ТИРЗ Скопје 1 за производство на амортизери за возови, шински возила, автобуси и тешки возила. Првичната инвестиција ќе изнесува околу 10 милиони евра, а објектот во кој ќе се вработат 100 лица треба да биде готов најдоцна за една година од почетокот на градбата.
Ова денеска на прес-конференција го истакнаа сопственикот на Монтанте груп Антоанело Монтанте и директорот на Дирекцијата за ТИРЗ Виктор Мизо.
Групацијата веќе регистрирала мешовита компанија во Македонија под името „Њуко“, а се предвидува по завршувањето на градбата да извезува производи во вредност од над 30 милиони евра од Македонија.
Компанијата веќе е во фаза на склучување на договори за две локации во ТИРЗ Скопје 1 на кои првично ќе се изгради еден објект, а во подоцнежната фаза, како што рече сопственикот Монтанте, се планира тројно па и четирократно зголемување на капацитетите.
Монтанте груп е мултинационална италијанска компанија со 2.300 вработени и годишен обрт од 800 милиони евра. Нејзиното седиште е во близина на Торино, Италија, а можностите за инвестирање во Македонија биле запознати на минатогодишното владино роуд-шоу во Италија.
- Не е тајна дека пред да дојдеме во Македонија бевме и во соседните држави, но Македонија ни понуди најдобри услови за инвестирање и затоа токму тука се одлучивме да ја отвориме нашата фабрика. Не станува збор за дислоцирање на постојна фабрика, туку во Македонија ќе градиме целосно нов капацитет, рече Монтанте.
Тој се заблагодари на премиерот Груевски и на неговиот економски тим за понудените услови и за заложбите за привлекување на странски инвестиции во Македонија.