Груевски: Градбата на трите автопатишта силен импулс за македонската економија
Градбата на трите автопатишта во Македонија е силен импулс за економијата. Се наоѓаме во силна инвестициска активност која продуцира вработување, раст на БДП и работа за градежната индустрија, а преку неа и на многу други индустрии кои се поврзани.
Ова го истакна премиерот Никола Груевски во одговор на прашање по доделувањето решенија за легализација на бесправно изградени објекти во општина Кисела Вода.
- Покрај трите автопатишта Кичево-Охрид, Демир Капија-Гевгелија и Скопје-Штип истовремено се проширува експресниот пат Велес-Кадрифаково и целосно и темелно се реконстурира автопатот Велес-Скопје што е речиси како градба на нов пат, бидејќи целосно се вади асфалтот, се рамни се и се става нов асфалт. Сето тоа е сложена операција во која се инвестираат околу 860 милиони евра, рече Груевски.
За изградба на овие патни правци, посочи, во моментов се ангажирани околу 760 работници, а се планира наскоро бројката да дојде до 2.200 работници.
- Освен што се работи на долгорочно решавање на проблемот со патиштата и автопатиштата во периодот додека тие се градат се решава и проблемот на вработување на голем број на лица. Темпото на изградба нема да застане бидејќи ова не се единствените патишта што ќе се градат. Во план е изградба и реконструкција на поголем број други патишта меѓу кои Охрид-Пештани, Куманово-Табановце, Градско-Прилеп,..., истакна Груевски.