Пуштена во употреба катната гаража „Разловечко востание“ во Скопје
Претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски и директорот на АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор Цветко Грозданов денеска свечено ја пуштија во употреба катната гаража „Разловечко востание“ во Скопје, која обезбедува нови 500 паркинг места во најпрометниот дел од главниот град.
Честитајќи им го празникот Илинден, денот кога Македонија прославува 111 години од Илинденското востание и 70 одини од одржувањето на АСНОМ, премиерот Груевски нагласи дека тоа што ние ќе оставиме за следните генерации, зависи од нас и само од нас. Со дела, со нови објекти, со нови инвестиции, со многу работа, со исполнвуање на ветеното и со многу проекти, подвлече тој, им честитаме на граѓаните.
Ова е трета по ред катна гаража која се пушта во центарот на Скопје, а неколку други, информира, се уште се во фаза на градба и наскоро очекуваме и нивно пуштање во употреба.
- На тој начин, систематски го решаваме еден од најголемите проблеми кои го мачеа Скопје, а тоа е паркинг просторот и метежот по улиците. Она што долго време беше проблем и што многумина пред нас не знаеле или не сакале да го решат, ние, заедно со ПУИК во изминатите неколку години чекор по чекор, со јасна визија и со многу работа, полека но сигурно го решаваме. За тоа придонесуваат катните гаражи кои ги градиме, улиците и булеварите кои се проширија и изградија во овие неколку години, како и сите идни проекти кои ќе се реализираат во оваа насока, рече Груевски.
Сите овие дела, истакна премиерот Груевски, придонесуваат во трансформацијата на Скопје во модерен и функционален град, кој ќе биде во чекор со сите европски метрополи, град кој првенствено ќе може да одговори на потрбите на своите жители, но и на сите оние посетители и туристи кои доаѓаат.
Вкупната површина на објектот, информира директорот Грозданов, е 23.000 метри квадратни, од кои 20.000 метри квадратни се наменети за паркинг простор распоредени на девет надземни и едно подземно ниво со што ќе се обезбедат вкупно 516 паркинг места. Просторот од 3.000 метри квадратни е наменет за деловен простор. Нејзината стаклена фасада, појасни, ненаметливо се вклопува во околниот амбиент и со тоа го заокружува овој урбан блок кој е од особено значење на градот Скопје. Катната гаража „Разловечко востание“ располага со четири лифтови кои ќе бидат пуштени во употреба за паркинг просторот и два лифта коишто се наменети за деловниот простор.
- Ќе има две шалтерски наплатни места, но исто така граѓаните добиената услуга ќе можат да ја платат и преку поставените два паркомат. Од аспект на сигурност оваа катна гаража ќе биде 24 часа под целосен видео надзор покриен со вкупно 48 камери. Во склоп на самата катна гаража ќе има и посебен простор наречен чекална којшто ќе можат граѓаните коишто ќе сакаат да ги сочекаат возилата да не мора да се качуваат горе во самата катна гаража него во самата чекална да ги почекаат и да нормално потоа се упатат во саканиот правец. Сите овие услуги граѓаните ќе можат да ги добијат само за 30 денари за паркирање од еден час. АД ова им го овозможува на граѓаните само со цел решавање на паркирањето на градот Скопје како и заживувањето на ГТЦ, изјави директорот на АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор Цветко Грозданов.