Поддршка од Министерството за култура за ликовното творештво и галериската дејност
Во рамки на Годишната програма за финансирање проекти од национален интерес, Министерството за култура континуирано поддржува проекти на националните установи, локалните институции, поединци, како и на граѓанските здруженија од областа на ликовното творештво и галериската дејност преку кои се овозможува континуирана презентација на македонската ликовна уметност и богатото ликовно творештво во меѓународни рамки.
Реализацијата на проектите од областа на ликовната уметност, како што се наведува во соопштението од Министерството, оваа година се одликува со реципрочно претставување на македонското и на светското ликовно творештво што вклучува организација на ликовни изложби (групни и самостојни), ликовни колонии, како и учество на Биеналето на архитектурата во Венеција.
Како позначајна активност од оваа дејност што ќе се реализира во септември со поддршка на Министерството за култура е изложбата „Мејд ин Маседониа - Бриколаж“ (Made in Macedonia-Bricolage) во организација на НУ Музеј на современата уметност, која ќе биде изложена во просториите на Амбасадата на Република Македонија во Виена.
Изложбата е во рамките на манифестацијата „Денови на македонската култура во Виена, Австрија“, а по повод одбележувањето на 20-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Република Македонија и Република Австрија. На изложбата ќе бидат претставени македонските автори Антони Мазневски, Исмет Рамиќевиќ, група ОПА, Ива Димевска, Атанас Атанасовски, Вања Урошевиќ и Дијана Томиќ-Радевска.
Кон средината на септември, Друштвото на ликовни уметници на Македонија – Скопје ќе реализира претставување на изложбата „Експериментален цртеж“ во Палата Луцерна во Прага, Чешка. Изложбата вклучува дела кои го поврзуваат цртежот со сликарството, скулптурата, фотографијата, филмот, графитите и дигиталната уметност.
НУ Национална галерија на Македонија – Скопје, на 20 ноември 2014 година во Прага, Чешка, ќе ја претстави македонската ликовна уметност пред и по Втората светска војна. Изложбата ќе се организира по повод 20-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Република Македонија и Република Чешка.
Македонски уметници секоја година се претставуваат и во Прима-центарот во Берлин, Германија, па така во текот на оваа година, таму ќе се претстават: Агрон Салиу, Димитар Христов, Атанас Ботев, Милан Андов и Кристина Александровска.
Македонските уметници веќе неколку години по ред со поддршка на Министерството за култура реализираат престој во Македонското ателје при Меѓународниот град на уметностите во Париз. Во текот на 2014 година во Париз ќе престојуваат Мирослав Масин, Станимир Неделковски, Нехат Беќири, Марија Павловска, Горан Боев и Ана Ивановска. Исто така, со поддршка од Министерството за култура, годинава македонското ликовно творештво ќе биде претставено во Виена, Австрија, и преку изложбата на Жарко Башески во организација на НУ Национална галерија на Македонија – Скопје, а Здружението на граѓани од областа на графичкиот дизајн, филм и мултимедија ПЛАКАРТ – Скопје ќе ја претстави годишната изложба на финалистите на „Скопје постер“ во Прага и Лабем, Чешка и во Варшава, Полска.