Груевски се сретна со британските пратеници Причард и Бинли
Претседателот на Владата на Република Македонија г-дин Никола Груевски, денеска (понеделник, 06.10.2014 година) оствари средба со парламентарците од Велика Британија, г-дин Марк Причард и г-дин Брајан Бинли.
Соговорниците дадоа позитивна оценка за односите помеѓу Република Македонија и Обединетото Кралство и изразија посветеност на понатамошно унапредување на соработката помеѓу двете земји во сите сфери од заеднички интерес.
На средбата се разговараше за повеќе актуелни теми и области, како што е потенцијалот за зајакнување на меѓусебната соработка во економијата и трговската размена, соработката на полето на странските инвестиции, како и за евроинтеграциските процеси на државата.
Премиерот Груевски ги запозна соговорниците со реформите и мерките кои се преземаат со цел унапредување на можностите во сите општествени сфери, и во насока на унапредување на стандардите, и надминување на предизвиците од значење за европските и евроатлантските интеграции на нашата земја. Тој истакна дека Република Македонија високо ја цени поддршката од Обединетото Кралство во остварувањето на стратешките цели на Република Македонија, истакнувајќи дека е важна поддршката од секој кредибилен фактор кој може да придонесе на тој план.
Британските парламентарци, Причард и Бинли, ја истакнаа својата посветеност за поддршка на продлабочувањето на билатералните односи помеѓу двете земји, и за поддршка на европските и евроатлантски интеграции на Република Македонија.
Во однос на економската соработка, соговорниците истакнаа дека постои добра основа за дополнително интензивирање на взамните односи, преку искористување на расположливите потенцијали, пред се на планот на привлекување на странски инвестиции и зголемување на трговската размена.
Беа разговарани и опции за унапредување на соработката на полето на земјоделството, особено во делот на можностите за извоз на македонски земјоделски производи во Велика Британија.
Стана збор и за соработката во областа на образованието, во делот на разгледување на можностите за воспоставување на соработка на високообразовни институции од Република Македонија и од Обединетото Кралство, размена на студенти и наставен кадар помеѓу двете земји.