Промоција на капацитетите на домашните компании пред економските компании
Домашни компании без трошоци и одвојување време ќе добиваат информации од прва рака за можностите за извоз на странските пазари преку директни он-лајн видео средби со економските промотори.
На првата средба, што се одржува денеска, компаниите „Макпрогрес“, „Камел солар“, „Леов“, „Техногума“ и „Кадино индустри груп“, пред 22 економски промотори ги презентираат своите капацитети и понуди на производи и услуги.
- Петте компании ќе ги презентираат можностите за извоз на своите производи, а нашите промотори ќе поставуваат прашања со цел да се подготват подобро и понатаму информациите што ќе ги добијат на оваа видео средба да ги искористат за промовирање на овие компании и за евентуално пласирање на нивните производи надвор од Македонија, изјави вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, пред одржувањето на првата видео средба.
Проектот, најави, се планира да се спроведува најмалку еднаш квартално преку Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на РМ, а предвидено е и воведување специјализирани средби по одредени сектори.
- Да се соберат кај страната на промоторот компании коишто се заинтересирани за даден производ или сектор и на македонската страна да имаме специјализирано неколку компании со цел размената да биде што поквалитетна, појасни Пешевски, истакнувајќи дека проектот е само мал дел од планираните активности за зголемување на извозот.
Митко Алексов, извршен директор на Сојузот на стопански комори, истакна дека проектот за промоција на капацитетите на домашните компании пред економските промотори е одлична можност за остварување директен контакт и да го презентираат своето портфолио на производи и услуги наменети за извоз. Исто така важно е промоторите да бидат информирани за одредени инвестициски активности на нашите компании.
– Користа на нашите компании е во тоа што повратната информација што ќе ја добијат од економските промотори ќе им заштеди прво пари, а потоа и време во делот на истражување на пазарот во одредени земји каде што не постои нивно присуство и пазари коишто им се непознати во овој момент, изјави Алексов.
Според него, странските промотори помогнале во обезбедување нови пазари за компаниите. – Имаме одредени контакти, а веќе и директни соработки со одредени земји како што е Канада, Индија, пазари непознати за нашите компании, во делот на Индонезија, исто така и во пазарите од Заливот, Катар, Бахраин и Дубаи. Очекуваме уште поинтензивна соработка со економските промотори особено за т.н. пазари од третиот свет како што се Азербејџан, Узбекистан,..., кои реално се непознати за нашите компании, укажа Алексов.
Проектот за он-лајн видео средба на економските промотори и компаниите го реализира Кабинетот на заменик-претседателот на Владата на РМ задолжен за економски прашања во соработка за Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот и Министерството за информатичко општество и администрација.