(Видео) Премиерот Заев по владината седница со еврокомесарот Хан: Го отворивме реформскиот процес, европските перспективи на Македонија се реалност!
Почитувани граѓани, почитувани претставници на медиумите,
Отворивме важен реформски процес за евро-атлантските интеграции и ново поглавје за иднината на Република Македонија.
Ве известувам дека денеска, Владата на Република Македонија, заедно со еврокомесарот за проширување на Европската унија, Јоханес Хан, прецизираше работен документ за Итните реформски приоритети.
Уверен сум дека присуството на еврокомесарот Хан, на седница на Владата на Република Македонија испраќа силен сигнал до сите во земјава, дека европските перспективи на Македонија не се повеќе далечен сон, туку реалност на дофат.
Овој чекор очекувам дека ќе биде мотивација за сите граѓани, експерти, граѓанското општество, опозицијата. Прифатете ја подадената рака на Владата и да се вложиме сите во сериозниот реформски процес за квалитетен живот.
Нашата цел е Европската комисија да даде позитивна оценка за Македонија во Извештајот за напредокот на државава на есен, како и да предложи чиста безусловна препорака за почеток на преговорите за членство со Европската унија.
За таа цел работиме на подготовка на Акциски план, наречен Патоказ, што треба да се финализира до 1 јули. Станува збор за предвидени реформи во клучните области, владеење на правото, професионални државни институции, независни регулаторни тела, слободни медиуми, што произлегуваат од Договорот од Пржино, забелешките на експертската група на ЕК предводена од Рајнхард Прибе, Рамковниот договор, извештаите на ЕК за напредокот на Македонија и на други институции и организации.
Дефиниравме краткорочни, среднорочни и долгорочни реформски цели, со коишто имаме намера, на есен, ЕК да ја отстрани условеноста на препораката за почеток на претпристапните преговори, а во текот на следната година земјите членки на Унијата да ги фокусираме на дискусија за утврдување датум за почеток на претпристапни преговори на Европската унија со Република Македонија. Остварувањето на реформските приоритети за ЕУ, ќе значи отворање и на вратите на НАТО.
Многу е важен овој реформски процес за којшто и денеска најавувам дека Владата ќе го води инклузивно.
Ја поттикнуваме парламентарната опозиција да се вклучи во предвидените реформи.
Ние како Влада покажавме зрелост. Очекувам одговорност од сите, затоа што целта ни е заедничка: позитивни промени и членство на Македонија во ЕУ и во НАТО.
Ако дејствуваме заеднички, сите во државата, успехот ќе биде заеднички.
Тоа ќе биде успех на Република Македонија и на сите граѓани.
Тоа е врвен приоритет, мој и на Владата на Република Македонија.
Ве уверувам дека Македонија е на вистинскиот, европскиот пат!
Во име на сите граѓани на Република Македонија, и на Владата, се заблагодарувам на еврокомесарот Хан и на Европската комисија за безусловната поддршка што ја даваат на Македонија во демократските процеси.