Владата денеска ќе ја одржи редовната 57 седница
Владата на Република Северна Македонија денеска ќе ја одржи редовната 57 седница со повеќе точки на дневен ред од својата програма за работа и од интерес на граѓаните.
На денешната седница министрите во Владата ќе ја разгледаат и ќе донесат одлука за Предлог - програмата за изменување и дополнување на Програмата за водостопанство за 2021 година.
На предлог на Министерството за локална самоуправа на денешната седница ќе се расправа за Предлог - одлуката за формирање Совет за рамномерен регионален развој на Република Северна Македонија
На оваа своја седница Владата ќе ги разгледа Информацијата во врска со реализацијата на Проектот – Изградба на културно образовен центар во Тетово со нов театар и библиотека, како и Информацијата за реализираните активности за времено згрижените лица и создадените можности за самостојно домување.
Владата на 57-та седница ќе го стави на разгледување и усвојување Извештајот за работата на Советот за соработка со и развој на граѓанскиот сектор во 2020 година, како и Годишниот извештај за работата на Националниот координативен центар за гранично управување.
На предлог на Агенцијата за млади и спорт на седницата ќе бидат разгледани и Информацијата за Локалните младински совети во Единиците на локална самоуправа и Информацијата за воспоставување на службеник за млади во органите на државна управа и Единиците на локална самоуправа.
Редовната 57. седница на Владата е предвидено да започне во 12:00 часот преку видео конференциска врска, а за заклучоците и одлуките од оваа седница јавноста ќе биде информирана преку соопштение.