Владата на Република Северна Македонија вечерва, преку видеоконференциска интернет врска ја одржа редовната 73-та седница со повеќе точки на дневниот ред од својата програма за работа и од интерес на граѓаните.
Во знак на поддршка на Македонската фудбалска репрезентација, која за прв пат се пласираше на Европското првенство и која на 1 јуни ќе одржи подготвителен пријателски натпревар, членовите на Владата, на седницата донесоа Одлука за исклучок од постоечката забрана за одржување на спортски натпревари, односно подготвителниот натпревар кој треба да се одржи на 1 јуни на Градскиот стадион во Скопје да се одигра во присуство на 30 проценти исполнетост со публика од капацитетот на трибините. За дополнителни олеснувања за другите натпревари ќе се разговара на следната седница на Влада.
На седницата, министрите го разгледаа Барањето согласност за префрлање на вишок на средства од сметката за блок дотации на сметката на основниот Буџет на Општина Куманово за 2021 година и дадоа согласност по Одлуката за одобрување префрлање на вишок на средства од сметката за блок дотации на сметката на основниот Буџет на Општина Куманово за 2021 година, донесена од Советот на Општина Куманово, со дополнително Известување, кои ќе се користат за изградба и реконструкција на мини детски игралишта и училишни игралишта, како и за санација и реконструкција на санитарни јазли и тоалети, санација на кровови, набавка на дигитална опрема и помошно-технички помагала за кабинетска настава и адаптација на кабинети во основни училишта на територијата на Општина Куманово.
Овие одлуки се носат врз основа на член 22 од Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, за користење на вишокот средства од сметките за блок дотации од Буџетот на државата, на барање на општините.
На предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Владата донесе одлука да го повлече Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита и благосостојба на животните од собраниска процедура, заради искажаната потреба од доусогласување на текстот на барање на повеќе кинолошки друштва и расни клубови.
Членовите на Владата, на иницијатива на претседателот Зоран Заев заедно со министрите на економските ресори денеска подетално го претставија Интервентниот план за инвестиции 2021-2026 година, со цел поставување постулати за брз и ефикасен излез од здравствено-економската криза. Беше заклучено дека инвестициските проекти ќе влијаат значително на растот на Бруто домашниот производ, обезбедување поголем број работни места и зголемен извоз и севкупен економски развој и напредок. Проектите ќе бидат презентирани пред граѓаните и медиумите во текот на деновите кои следат.