Премиерот Заев се обрати на настан по повод 20 години ЕБР

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев денеска имаше обраќање на настанот одбележувањето на јубилејот 20 години од формирањето на Единицата за брзо распоредување.

Во продолжение ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Заев во целост:

На овој импозантен собир и настан денеска не собра сите нас јубилејот – 20 години од формирањето на Единицата за брзо распоредување во рамките на Министерството за внатрешни работи.

Со учество на највисоките претставници на Владата, на Министерството за внатрешни работи, на останатите агенции и служби од безбедносниот сектор, во присуство на високи гости од дипломатскиот кор, како и во присуство на членови и на семејствата на повеќе генерации на припадниците на Единицата за брзо распоредување, оддаваме почит на единица во составот на Министерството за внатрешни работи, која е синоним за професионалност и подготвеност во секое време да се спротивстави на каков и да е предизвик доколку би била доведена во прашање безбедноста на граѓаните и на општествениот поредок.

Системот на безбедност е еден од темелните столбови на секое општество. Во тој систем полицијата, преку нејзината поставеност, функционалност и ефикасност, е клучниот системско-институционален инструмент за остварување на целите на безбедноста: заштита на слободите, правата, материјалните добра на граѓаните, заштита на правниот поредок, на јавниот ред и мир, овозможувајќи внатрешна сигурност и стабилност на државата.
 
Во таа насока, постојаната  грижа и стремежот за сеопфатна поддршка за развојот на полицијата, на сите нејзини служби е од посебен јавен, и се разбира - од национален интерес. Тоа, бездруго, важи и за нашата полициска Единица за брзо распоредување при Бирото за јавна безбедност на Министерството за внатрешни работи.

Единицата за брзо распоредување, позната како ЕБР, за само две децении израсна во суштински неопходна полициска формација, примарно во делот на она што значат посебни и специјални полициски задачи и области на делување.

Како еден од суштинските полициски механизми на безбедносниот систем, ЕБР отворено и динамично ги прифати сите неопходни реформи и трансформации и денес е еден од носечките столбови во севкупниот полицискиот систем на функционирање.
ЕБР денес е високопрофесионална единица, соодветно прилагодена на потребите и целите на полициското работење со континуирано изразена подготвеност за нови знаења, вештини и уште повисоки дострели.
 
Дополнително, позитивно влијание низ годините наназад даде и засилениот ангажман и посветеност на Министерот Спасовски и на неговиот тим, кои со максимална поддршка на Владата ги создаваа сите неопходни услови за материјално-техничко и стручно унапредување на полицијата, со фокус и на Единицата за брзо распоредување.

Посебно значајно е што припадниците на Единицата за брзо распоредување ги краси чувството и одговорноста на максимално пожртвувано исполнување на својата должност кога тоа го налагаат ситуации кога е загрозена јавната и безбедноста на граѓаните, но и во ситуации кога природните катастрофи се закануваат по животот, здравјето и имотот на граѓаните.

Во непосредно изминатиот период бевме сведоци кога должноста да заштитат и да им служат на граѓаните и на заедницата, членовите на ЕБР ја покажаа на најсилен начин за време на пожарите кога во рамките на севкупниот систем за заштита и спасување се втурнаа во справување со огнената стихија и презедоа и учествуваа во неколку спасувачки акции.

Оваа посветеност и подготвеност на Единицата за брзо распоредување е збир од поединечната посветеност на секој припадник на оваа единица кои достојно ја носат униформата која е синоним за крајно високи вештини и етика.
 
Досегашните резултати на Единицата и на сите нејзини припадници се вградени во актуелниот статус што македонската полиција го ужива како признаен и респектабилен партнер на граѓаните.

Заради сите овие постигнувања во текот на изминатите 20 години, убеден сум дека ЕБР ќе продолжи и во наредните децении да се развива како високо мотивирана, врвно организирана и професионална служба, која, заедно со сите останати сегменти на нашиот безбедносен систем, ќе биде гарант за јавниот мир и за безбедноста на граѓаните според моделите на сродните европски полициски единици.

Почитувани припадници на Единицата за брзо распоредување, ви го честитам јубилејот.