Првиот потпретседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, г-дин Артан Груби денес учествуваше на одбележувањето на 27 јануари – Меѓународниот ден на сеќавање на Холокаустот.
„Оние кои не се сеќаваат на минатото се предодредени да го повторат“, рече еднаш Џорџ Сантајана, еден од најголемите мислители на 20-от век и овие негови зборови треба да ни бидат животен водич, рече меѓу другото во својот говор, Груби.
Во продолжение целосниот говор:
Благодарам за поканата заедно да ја одбележиме една од најмрачните епизоди во човековата историја, злогласниот Холокауст што ја погоди човечката совест со грозоморноста на оваа злосторство, деструктивноста на идеологијата и ирационалноста на омразата.
Најпрво, му честитам на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците во Северна Македонија за одличната работа во меморирањето на овие датуми каде што ние како држава оставивме свои траги, бевме сведоци на вредностите на солидарноста со придонесот за засолнување на еврејскиот народ од канџите на безмилосниот прогон.
Драго ми е што мојот пријател Скендер Асани со своите соработници, тесно соработувајќи со локални и меѓународни институции успеа да открие факти за нашиот спротивен пристап кон ова зло. Го охрабрувам да продолжи да придонесува во оваа насока ветувајќи му континуирана поддршка од Владата.
„Оние кои не се сеќаваат на минатото се предодредени да го повторат“, рече еднаш Џорџ Сантајана, еден од најголемите мислители на 20-от век, овие зборови треба да бидат нашиот животен водич.
Не смееме во ниту еден момент да заборавиме на одговорноста што ја имаме за да се потсетиме на минатото, за да ги учиме и да ги освестиме нашите деца да бидат мирољубиви, да ги почитуваат меѓусебните културни вредности, да не дозволиме предрасудите да ни ги затемнуваат нашите животни погледи. Да научиме дека соседите се пријатели кои ги делат истите маки и проблеми со нас, дека на светот му треба сочувство, солидарност, единство на патот на идеалите за да нема страдања и сиромаштија.
Тоа што им се случи на Евреите никогаш повеќе не смее да се повтори! Ние, како политички партии, медиуми, граѓанско општество, секој ден мора да имаме единствена мисија: МИР И НАПРЕДОК. Мирот и напредокот не можат да се постигнат со војна, со омраза, со деструктивни идеи што го заматуваат човечкиот разум, со тесноградни интереси.
Акцијата на групата Ладош, полските дипломати од тоа време, на кои денес се сеќаваме преку оваа изложба, нека бидат инспирација да се спротивставиме заедно против секоја закана што ја нарушува чистата генеза на еднаквоста меѓу луѓето.
Од тука заедно да го пренесеме повикот да запре секоја војна и агресија, да изградиме безбедна и просперитетна иднина за нашите деца!
Ви благодарам на вниманието!