Владата на Република Северна Македонија на денешната седница, на предлог на Министерството за култура, донесе одлуки за формирање две национални установи поврзани со афирмација на настани и личности значајни за илинденскиот период и за македонската државност.
Владата ја разгледа Информацијата за потребата од основање нова Национална установа Центар за култура „Десет дена Крушевска Република“ – Крушево и донесе ваква Одлука.
Со основањето на оваа национална установа, се очекува поттикнување на творештвото на современиците инспирирано од Илинден и борбата на македонскиот народ за национално ослободување и за афирмација на Република Северна Македонија.
Национална установа Центар за култура „Десет дена Крушевска Република“ – Крушево, ќе биде сместена во објектот на Националната установа Историски Музеј – Крушево, што е во сопственост на Република Северна Македонија.
Владата ја разгледа и Информација за потребата од основање нова Национална установа, Манифестација „Денови на Смилевскиот конгрес“ – Смилево, Демир Хисар и донесе ваква Одлука.
Националната установа Манифестација „Денови на Смилевскиот конгрес“ – Смилево, Демир Хисар, како што е посочено во Информацијата, ќе ги одбележува деновите на Смилевскиот Конгрес, како историски настан од значење за македонскиот народ и за спомените за Даме Груев. А ќе биде сместена во објект во село Смилево, што е во сопственост на Република Северна Македонија, односно во некогашната куќа на револуционерот Даме Груев.
Смилевскиот конгрес е одржан од 2 до 7 мај 1903 година во село Смилево, Демир Хисар. Овој Конгрес според одлуките што ги донел, претставува една од значајните етапи во подготовките на Илинденското востание. Со тоа, Смилевскиот Конгрес е настан длабоко врежан во свеста на македонскиот народ, што трајно ја определил неговата иднина. А спомените за ликот и делото на Даме Груев, како и други историски личности и настани, се постојан потсетник за поставувањето на темелите на македонската државност.
Владата на денешната седница, на предлог на Министерството за образование и наука, донесе Одлука за доделување стипендии на странски државјани, од интерес за Република Северна Македонија.
Станува збор за предвидени 50 стипендии за странски државјани, студенти со македонско потекло кои живеат во државите на Балканскиот полуостров, а кои ќе се запишат како редовни студенти на државните универзитети, и тоа: Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола, Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип, Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ - Охрид, Универзитет „Мајка Тереза“ - Скопје и Универзитетот во Тетово, во студиската 2023/2024 година.
Владата, на предлог на Министерството за образование и наука донесе и Одлука за давање согласност на конкурсите за запишување на студии од втор циклус на јавните високообразовни установи на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола, Универзитетот во Тетово, Државниот универзитет „Гоце Делчев“ во Штип, Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ - Охрид и Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, во академската 2023/2024 година, а по доставување на предлозите за запишување на студенти во втор циклус на студии за академската 2023/2024 година.
Владата, на предлог на Министерството за образование, донесе и Одлука за давање согласност на конкурсите за запишување на студии од трет циклус на јавните високообразовни установи на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ – Охрид, во академската 2023/2024 година, а по доставување на предлозите од универзитетите за конкурсите за запишување студенти во трет циклус - докторски студии, за студиската 2023/2024 година.
Владата, на денешната седница, на предлог на Министерството за одбрана, донесе одлука за испраќање припадници на Армијата на Република Северна Македонија во Сојузна Република Германија, за учество на вежбата „Saber Junction 23“.
Оваа вежба, според Образложението од Министерството за одбрана, е во организација на вооружените сили на Соединетите Американски Држави и во неа, покрај припадници од вооружените сили на САД, ќе учествуваат и претставници од неколку земји членки на НАТО и земји од партнерството за мир. А, целта е обнова на знаења и споделување искуства, што се неопходни за персоналот на Армијата, за извршување на мултинационални операции.