Премиерот Ковачевски во посета на Атина по повод 20-годишнината од Самитот ЕУ - Западен Балкан во Солун и „Декларацијата од Солун“
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски на 21 август во Атина ќе учествува на неформална вечера на лидери од Западен Балкан и лидери од ЕУ земји-членки од регионот, чиј домаќин ќе биде грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис. Неформалната вечера се одржува по повод одбележувањето на 20 години од одржувањето на Самитот ЕУ - Западен Балкан во Солун и „Декларацијата од Солун“.
Премиерот Ковачевски во Атина е придружуван од заменик-претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ.
Неформалната вечера ќе биде можност лидерите да разговараат за проширувањето и европската иднина на регионот на 20-годишнината од „Декларацијата од Солун“ од Самитот ЕУ-Западен Балкан, со која најконкретно беа отворени перспективите за членство на земјите од Западен Балкан во ЕУ.
На неформалната вечера ќе учествуваат претседателите на Европскиот Совет Шарл Мишел и на Европската Комисија Урсула Вон Дер Лејен, лидерите на земјите од Западен Балкан - српскиот претседател Александар Вучиќ, црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ, премиерката на Босна и Херцеговина Борјана Кришто и косовскиот премиер Албин Курти, како и премиерите од земји членки на ЕУ од регионот и пријатели на проширувањето - на Хрватска Андреј Пленковиќ, на Романија Јон-Марсел Чолаку и на Бугарија Николај Денков.
Пред неформалната вечера, премиерот Ковачевски ќе оствари средба со претседателката на Европската Комисија, Урсула Вон Дер Лејен.