Филков до идните судии и јавни обвинители: Вие како долгоочекувана нова енергија во правосудството, можете и потребно е да направите многу!

Министерот за правда Игор Филков присуствуваше на церемонијата по повод доделувањето на уверенија на VIII -та генерација слушатели кои ја завршија почетната обука на Академијата за судии и јавни обвинители . Посакувајќи им успех, министерот Филков  во своето обраќање посочи дека стручното, етичкото  постапување е повеќе од клучно во овие моменти кога сме соочени со предизвици и кога недовербата во правосудството е голема.

,,Вашиот интегритет и стручност како клучен фактор, а понатаму и вашата професионалност во постапувањето во предметите се суштинските елементи во креирање на систем кој ги штити правата и интересите на граѓаните.

Токму вие како долгоочекувана нова енергија во правосудството, можете и потребно е да направите многу, да докажете дека сте вистинскиот избор на државата, која во вас вложила ресурси и време.

Пред вас претстојат многу предизвици. Ќе се соочите со реалноста и со голем број на предмети по кои ќе мора да постапувате или одлучувате во многу кратки рокови. Токму затоа вашиот процес на едукација не престанува тука со моментот на завршување на почетната обука”, порача министерот за правда Игор Филков.

Министерството за правда останува посветено да работи на сите процеси во обезбедувањето на сите предуслови кои се потребни за подигнување на ефикасноста на судските постапки. Само со заеднички придонес ќе успееме да ја вратиме довербата на граѓаните во правосудните институции.